Европската унија планира да го блокира увозот на одредени видови прехранбени производи кои не се произведуваат според европските стандарди, со цел да ги заштити европските земјоделски производители, пишува Financial Times.
Британскиот весник наведува дека оваа мерка потсетува на трговската политика што ја спроведува американскиот претседател Доналд Трамп.
Европската комисија најави дека следната недела ќе се разгледаат построги ограничувања за увоз на одредени прехранбени производи, потврдија за Financial Times тројца неименувани европски претставници запознаени со ова прашање.
Според нив, првиот сет на мерки би можел да вклучи земјоделски производи од САД, како што е сојата одгледувана со пестициди кои европските земјоделци не смеат да ги користат.
Така, ЕУ сака да го блокира увозот на одредени прехранбени производи направени според различни стандарди за да ги заштити своите земјоделци како одговор на трговската политика на американскиот претседател.
Комисијата долго време се спротивставува на повиците од Франција и другите земји-членки за реципрочен третман, тврдејќи дека тоа би можело да ги прекрши правилата на Светската трговска организација. Телото дозволува ограничувања само на научни основи кои не го дискриминираат увозот.
(Reuters)
(фото: Pxhere)