Замислете, наместо да испраќаме луѓе во опасни средини за време на мисии за пребарување и спасување, да почнеме да испраќаме биороботи со големина на инсекти, или поточно, лебарки. Лебарките имаат уникатна способност да се движат во тесни простори, да јадат речиси сè и да толерираат сурови еколошки услови. Овие квалитети ги прават идеални кандидати за мисии за пребарување и спасување со сајбер-засилувања, како и за контроверзни мисии за надзор.
Така, тим научници од Универзитетот во Осака во Јапонија и Универзитетот Дипонегоро во Индонезија разви биохибриден систем за контрола на овие инсекти користејќи електронски ранци. Мочамед Аријанто, машински инженер од Универзитетот Дипонегоро и главен автор на истражувањето, објавено во списанието Soft Robotics, го објасни предизвикот со кој се справиле тој и неговите колеги.
„Создавањето мал, функционален робот е предизвик. Сакавме да ја заобиколиме таа пречка со тоа што нештата ќе бидат едноставни. Наместо да развиваме сложени роботи, ние користевме мадагаскарски лебарки (Gromphadorhina portentosa), опремени со сензори за движење и животна средина, како и вградени електроди за да ги водат нивните движења“ вели тој.
Системот на тимот, наречен Biohybrid Behavior-Based Navigation System (BIOBBN), користи два навигациски алгоритми – едниот за едноставни средини, а другиот за сложен терен.
Првиот систем за навигација можел да користи пообемен и потежок електронски ранец, додека вториот требало да биде покомпактен и полесен за да се приспособи на сложената навигација на теренот, објаснуваат авторите на студијата.
За да ги тестираат нивните киборг инсекти, тимот создаде патека со пречки што содржи песок, камења и дрво. Лебарките првенствено се движеле независно, реагирајќи на електронски стимули кога е потребно. Овој алгоритам го искористил природното однесување на лебарката, како што се следење ѕидови и качување, за да се движи околу и над препреките, истакнуваат авторите на студијата.
Овие таканаречени бубачки-ботови би можеле да помогнат при инспекции и напори за пребарување после природни катастрофи, испраќајќи податоци од опасни средини.
„Верувам дека нашите киборзи од инсекти можат да постигнат цели со помал напор и сила од чисто механичките роботи“, вели Кеисуке Моришима од Универзитетот во Осака.
Иако нивниот потенцијал е непобитен, остануваат етичките прашања во врска со нивната употреба.
(Science Alert)
(фото: Pexels)