Едно ново откритие на научниците би можело да инспирира иновации во биоелектрониката, но и во чистењето на животната средина од загадување.
Имено, меѓународен тим, предводен од микробиологот Анвар Хиралал од Универзитетот во Антверпен во Холандија, ја откри бактеријата кандидатус електротрикс јагоненсис (Candidatus Electrothrix yaqonensis), претходно непозната таканаречена кабелска бактерија со уникатни електроспроводливи својства, во крајбрежните седименти во американската сојузна држава Орегон. Именувана во чест на локалниот народ Јако’н, оваа бактерија се придружува на ретка група микроби слични на жица, кои можат да пренесуваат електрони на долги растојанија.
Кабелските бактерии, кои припаѓаат на родот електротрикс и електронема, формира долги синџири, кои ги пренесуваат електроните од слоевите богати со сулфиди во подлабокиот седимент до слоевите богати со кислород поблиску до површината.
Ова овозможува просторно одвоени редокс реакции (хемиски реакции во кои електроните се пренесуваат од еден реактант во друг), каде што подлабоко закопаните бактерии произведуваат електрони, додека оние поблиску до површината ги примаат со помош на кислород или нитрат.
Електротрикс јагоненсис се издвојува поради генетската поврзаност со двата познати рода, но и поради исклучителните морфолошки карактеристики. Научниците открија дека нејзината површина има изразени гребени до три пати пошироки од оние на другите видови, во кои има проводни нишки изградени од уникатни протеини базирани на никел.
Овој нов вид се чини дека е мост, рана гранка во рамките на родот електротрикс, што сугерира дека може да даде нови сознанија за еволуцијата на овие бактерии и нивната функција во различни средини, вели микробиологот Ченг Ли од Државниот универзитет во Орегон и Универзитетот Џејмс Медисон.
Тимот на Хиралал користел геномски, морфолошки, спектроскопски и електрични методи за да ги анализира новооткриените бактерии. Резултатите од студијата, објавени во списанието Applied and Environmental Microbiology, би можеле да го променат моменталното разбирање за различноста и улогите на кабелските бактерии.
Овие бактерии можат да пренесуваат електрони за да ги отстранат загадувачите, така што тие би можеле да се користат за отстранување на штетните материи од седиментите. Исто така, нивниот дизајн на високопроводен никел протеин може да инспирира нова биоелектроника, објаснува Ли.
(Science Alert)
(фото: Pick Pik)