Деновиве водечкиот едукативен и тренинг центар „Киншифт академи“ (претходно познат како „Сеавус едукативен центар“) го најави своето ребрендирање во „Авенга академи“ и стартот на LearnAI Lab, програма која е креирана да му помогне на бизнис секторот ефикасно да ја применува вештачка интелигенција во својата работа.
Тоа е повод за ова интервју со Весна Иваноска, директорка на Авенга академијата и водечкиот експерт за програмата LearnAI Lab, Миодраг Цекиќ
Новинар- Верица Јорданова
- За почеток, да разјасниме – Што е LearnAI Lab?
Весна: LearnAI Lab е најновата програма – платформа на Авенга Академи, креирана како комплетна услуга за компании кои сакаат да направат паметен и одржлив чекор кон дигитална трансформација со помош на вештачка интелигенција. Таа опфаќа три главни компоненти: проценка на подготвеноста на компанијата за ВИ, стратешка и техничка обука, како и поддршка при имплементација на конкретни АИ решенија. Наместо универзален пристап, нудиме прилагодени анализи и решенија според реалните потреби, ресурси и цели на секоја организација. LearnAI Lab е тука за компании кои не сакаат само да експериментираат со ВИ, туку да ја користат како алатка за вистинска, мерлива промена.
- Што ја мотивираше Авенга академијата да го ребрендира својот идентитет и да го прошири своето портфолио со LearnAI Lab?
Весна: Авенга Академи е зрел и докажан партнер во едукација во изминатите 15 години со исклучително темелен пристап и квалитетно образование. Делувавме под името Сеавус Едукативен и Развоен центар, а потоа кратко и како Киншифт Академи. Ребрендирањето доаѓа како резултат на неодамна ребрендираната глобална технолошка компанија „Авенга“ чиј дел е и Академијата, а која денес обединува повеќе од 6.000 професионалци кои работат низ Европа, Америка и Азија, за глобални компании од областа на финансиите, телекомуникациите, автомобилската индустрија, производството и биолошките науки и др. Да потсетам во Македонија, „Авенга“, претходно „Киншифт“, во себе ги припои најголемата ИТ компанија „Сеавус“, како и „Мусала Софт“, задржувајќи ја доминацијата на ИТ пазарот.


- Како оваа нова програма се разликува од претходните академски иницијативи?
Весна : LearnAI Lab се разликува од нашите претходни академски програми пред сè по својот пристап – таа не е унифицирана, ниту однапред целосно дефинирана. Наместо однапред зададена содржина и структура, LearnAI Lab нуди флексибилен и прилагодлив модел што се обликува според конкретните потреби на секоја компанија. Тоа значи дека не постои една програма за сите – туку уникатна патека за секој партнер, зависно од нивото на дигитална зрелост, разбирањето и прифаќањето на ВИ, сложеноста на системите со кои работат, како и конкретните цели што сакаат да ги постигнат.“
Претходните академски иницијативи на Авенга Академи се исклучително добро структуирани, со однапред утврдена методологија и програмски модули – нешто што и понатаму го нудиме за изчучување конкретни дисциплини. Но со LearnAI Lab правиме чекор понатаму: влегуваме директно во сржта на предизвиците на клиентите, нудејќи решенија што се истовремено стратешки и практични. Тоа ја прави програмата покомпатибилна со реалноста на трансформацијата – која ретко кога е линеарна или идентична кај различни компании.
- На кого конкретно е наменета програмата LearnAI Lab – дали повеќе за поединци или компании? Како го замислувате профилот на вашите нови пријатели?
Весна: LearnAI Lab е пред сè наменета за компании – мали, средни и големи бизниси кои се во процес на раст и иновирање, и сакаат да ги искористат новите технологии како двигател на својот развој. Секој дел од програмата е прилагоден да одговори на реалните предизвици и потреби на организациите, без разлика на нивната големина или индустрија. Исклучок е Мастеркласот, кој е посебен сегмент и може да се понуди и самостојно, а наменет е за индивидуалци – претежно бизнис лидери, менаџери и стратези – кои сакаат подлабоко да ги разберат можностите што ги носи ВИ.

Што поконкретно ќе се изучува на LearnAI Lab? Како се осигурувате дека програмата е во чекор со најновите ВИ трендови и бизнис потреби? Како функционира процесот на детекција на потребите на компаниите во однос на ВИ?
Цекич: LearnAI Lab претставува програма – платформа дизајнирана да го трансформира пристапот на кој компаниите размислуваат за бизнисот и екосистемот како целина преку призмата на можностите и придобивките што ги нудат моменталниот развој и достапноста на вештачката интелигенција (ВИ). Притоа, LearnAI Lab не претставува уште еден нов субјект што на пазарот ќе понуди програма за ВИ обуки, туку се позиционира како стратешки партнер на бизнисите со различна големина, природа и делокруг на работа со цел проценка и разумно искористување на ВИ со цел максимизирање на успехот и потенцијалот во перспектива. Програмата е уникатен спој на различни тренинг модуларитети и консултативни услуги генерално поделени во три клучни фази:
• Барање: Се започнува со детална анализа на моменталната состојба на бизнисот, со цел препознавање на неговите уникатни предизвици и можности.
• Откривање: Клучна фаза каде компаниите не само што се запознаваат со ВИ алатките, туку го развиваат и „ВИ начинот на размислување“ (AI mindset), учејќи да го гледаат својот бизнис низ призмата на новите можности.
• Имплементација: LearnAI Lab не се задржува на теоретско знаење, туку активно помага во имплементирањето на реални ВИ решенија кои носат конкретни резултати.
За да се осигури дека програмата е во чекор со најновите ВИ трендови и бизнис потреби, LearnAI Lab е постојано прилагодена да ги диктира тие трендови. Со оглед на брзиот развој на ВИ, каде што пред само 18 месеци деловните лидери прашуваа „Што е ВИ?“, а денес „Колку брзо можеме да ја имплементираме?“, LearnAI Lab го нуди точниот патоказ од „љубопитни за ВИ“ до „моќни со ВИ“, фокусирајќи се на вистинското разбирање пред имплементацијата. Прилагодувањето на програмските активности и следењето на трендовите е главна цел и кауза на техничкиот тим со веќе докажана техничка експертиза и искуства од примена на системи базирани на ВИ во пракса.
Процесот на детекција на потребите на компаниите во однос на ВИ започнува во фазата „Барање“, односно преку темелно разбирање на уникатните предизвици и можности на секој бизнис. Програмата е идеално креирана да ги идентификува специфичните сегменти во кои ВИ може да ги унапреди бизнисите. Ова вклучува не само идентификација на потенцијалните примени, туку и создавање наменски дизајниран софтвер за нивните потреби и обука на кадарот. Овој пристап е холистички, што значи дека LearnAI Lab функционира како комплетен екосистем за трансформација на бизнисот, опфаќајќи сѐ, од почетна експлорација и проценка на способности до учење базирано на улоги и прилагоден ВИ дизајн.
Може ли да ни објасните на конкретен пример како LearnAI Lab би помогнал на една типична македонска компанија?
Цекич: За да ја илустрираме примената на LearnAI Lab, да разгледаме типична македонска компанија која се соочува со предизвици во ефикасното управување со залихите и персонализирањето на понудите за клиентите.
Детекција на потреби: LearnAI Lab би започнала со детална анализа на тековните операции на компанијата. Во оваа фаза, би се идентификувале клучни проблеми како што се прекумерни залихи (кои врзуваат значаен капитал) или недоволно таргетирани маркетинг кампањи (кои резултираат со пропуштени продажни можности).
Откривање на ВИ можности: Преку интерактивни работилници и консултации, LearnAI Lab би го отворила „ВИ начинот на размислување“ кај раководството и клучниот персонал на компанијата. Би се демонстрирало како вештачката интелигенција може да се искористи за прецизно предвидување на побарувачката, што директно би придонело за намалување на залихите и зголемување на достапноста на популарни производи. Дополнително, би се прикажале можности за анализа на податоците за клиентите со цел креирање персонализирани маркетинг кампањи, па дури и оптимизација на распоредот на вработените за подобра ефикасност.
Имплементација на решенија и обука: LearnAI Lab би работела директно со компанијата за да имплементира конкретни ВИ решенија. Ова би вклучувало развој и примена на ВИ-базирани системи за предвидување на залихи и специјализирани алатки за генерирање персонализирани препораки за производи. Паралелно со имплементацијата на технологијата, тимовите во компанијата би биле континуирано обучувани како ефикасно да ги користат овие нови алатки, како да ги толкуваат добиените увиди од ВИ системите и како да донесуваат поинформирани и подобри деловни одлуки.
Како директен резултат на оваа трансформација, компанијата би постигнала значително намалување на оперативните трошоци, би ја зголемила лојалноста на клиентите и продажбата преку таргетирани понуди, и би ја подобрила севкупната ефикасност на своите вработени. Овој пример ја потврдува нашата основна идеја: дека вистинската трансформација не се случува само со воведување на алатки, туку со луѓе кои стратешки разбираат како да ја интегрираат и искористат вештачката интелигенција.


- Малку технички детали – Колку време ќе трае обуката на кадар?Дали програмата вклучува и пост-тренинг поддршка или консултации?
Цекич : Обуката на кадар во LearnAI Lab се одвива според нашиот нов „333 Модел“. Овој модел трае девет недели и е поделен на три интензивни фази, при што секоја фаза е со времетраење од три недели:
- Недели 1-3: Откривање вредност (Value Discovery) – во оваа почетна фаза, фокусот е на темелна идентификација на специфичните области каде вештачката интелигенција (ВИ) може да создаде најголемо влијание врз бизнисот, со цел да се дефинираат прилагодени решенија.
- Недели 4-6: Изградба на знаење (Knowledge Building) – во оваа фаза се гради суштинска ВИ писменост кај тимот. Ова вклучува не само техничко знаење, туку и развој на стратешко размислување, практична деловна примена и проценка на ризикот поврзан со ВИ.
- Недели 7-9: Обука за имплементација (Implementation Training) – оваа завршна фаза е фокусирана на практична обука на персоналот, која се извршува симултано со имплементацијата на реални ВИ решенија директно во рамките на бизнисот.
Секоја од овие тринеделни фази вклучува три сесии неделно, при што секоја сесија трае три часа. Иако форматот е интензивен, модуларниот и скалабилен пристап овозможува флексибилност, односно компаниите можат да ги поминат сите три фази за целосна трансформација или да се фокусираат само на оние кои најмногу одговараат на нивните моментални потреби и стратешки цели.
Да, програмата задолжително вклучува и пост-тренинг поддршка и консултации. Ние не ги оставаме компаниите само со теоретско знаење; напротив, активно „ги засукуваме ракавите“ и помагаме во имплементацијата на реални решенија кои носат конкретни резултати. LearnAI Lab се позиционира како партнер за ВИ трансформација, а не само како давател на ВИ образование. Ова подразбира континуирана поддршка и експертиза дури и по завршувањето на формалната обука, осигурувајќи успешна интеграција и искористување на ВИ потенцијалот во бизнис процесите
- Може ли поконкретно да ни објасните која е улогата на човечкиот потенцијал во процесот на дигитална трансформација со ВИ – нешто што често го потенцирате?
Весна/Цекич : Во неколку наврати потсетивме – и ќе продолжиме да потенцираме – дека една од клучните причини за неуспехот при имплементација на ВИ, според релевантни глобални истражувања, не е технологијата сама по себе, туку начинот на кој се игнорира човечкиот контекст. Недостиг на поширока стратегија во која луѓето имаат централно место, еден вид внатрешен “roadmap”, е честа причина зошто АИ иницијативите не даваат резултат. Техничката неподготвеност е само дел од проблемот. Многу поголема пречка се недовербата, отпорот, стравот од заменливост, како и отсуството на јасна комуникација за тоа што ВИ значи за нивните улоги.
На пример, во производствени компании, воведувањето на ВИ алатки за предиктивно одржување често наидува на сомнеж кај инженерскиот персонал – не поради неспособност, туку затоа што не им е објаснета новата вредност што тие ја носат во процесот. Наместо да бидат заменети, нивната експертиза станува клучна за “тренирање” на системот и толкување на излезните податоци. Слично, во маркетинг тимови, генеративниот ВИ не го заменува креативниот процес, туку го проширува – но само доколку луѓето знаат како да го насочат и евалуираат. Затоа LearnAI Lab инсистира на активна, партнерска, улога на човечкиот потенцијал во секој чекор од трансформацијата. Програмата што ја нудиме не е само технички, туку и стратешки и комуникациски – со јасна цел да го изградиме тој мост меѓу новите технологии и луѓето што треба да работат со нив. Без ангажирани и свесни луѓе, ниту една дигитална трансформација не е одржлива.
Како што постојано потенцираме, „Не е вештачката интелигенција таа што ќе го промени вашиот бизнис, туку тоа се луѓето кои ќе знаат правилно да ги искористат можностите што истата ги нуди.“ Оваа перспектива е во срцето на LearnAI Lab; ние не само што ве учиме за ВИ, туку „трансформираме како размислувате за самиот бизнис“. Проблемот е што многу компании скокаат од „љубопитност за ВИ“ директно во имплементација без клучниот среден чекор – вистинското разбирање. Трансформацијата не се случува само со алатки, туку со луѓе кои стратешки разбираат како да ја интегрираат ВИ.
- Кои се главните предизвици што ВИ ги носи за глобалната работна сила вклучително и на нашиот пазар? Што би им препорачале на локалните бизниси кои сакаат да почнат со ВИ, но не знаат од каде?
Весна: Денес не е тешко да најдеш обука за ВИ – дури и од најреномирани универзитети, многу од нив се и бесплатни. Но токму тука се крие проблемот. Огромната количина на информации, алатки и опции, за многу компании не претставува решение, туку нов предизвик – оној што ние го нарекуваме ‘ВИ парализа’. Во обидот да започнат нешто, многуминавсушност не знаат што да изберат, од каде да почнат, или што навистина им треба. И ризикуваат да трошат ресурси без јасна цел.
Затоа LearnAI Lab не е само уште една обука. Тоа е водич – модел кој прво советува и насочува, а дури потоа обучува и трансформира. Не нудиме решение на парче, туку целовит пристап кој почнува со проценка, продолжува со стратегија и завршува со конкретни чекори што носат реална вредност. Мојата препорака до локалните бизниси е едноставна: не брзајте со алатки, почнете со разбирање. Побарајте партнер кој ќе ви помогне прво да ја дефинирате вашата позиција и амбиција. Со јасна проценка и добра стратегија, ВИ не е закана, туку алатка што може да ве направи поконкурентни и поагилни – дури и на помал пазар како нашиот

Што значи мотото „технологија и знаење кои вредат“ во контекст на LearnAI Lab?
Весна : Новиот слоган на Авенга Академи – “технологија и знаење кои вредат” – ја содржи суштината на тоа што сакаме да го постигнеме со LearnAI Lab. За нас, тоа значи едукација ставена во функција на реалните бизнис цели. Тоа е знаење што не е тука заради трендот или затоа што ‘така прават сите’, туку затоа што носи конкретна вредност и резултати. Зборуваме за технологија што е навистина потребна, и за луѓе кои не само што ја разбираат, туку знаат и зошто ја користат. Нашата цел е учењето да стане свесна, стратешка алатка – не само информативна, туку трансформативна.
- Како планирате да ја одржите релевантноста на програмата во брзоменливиот ВИ пејзаж?
Весна: Тешко е денес со сигурност да се тврди дека некој концепт може да остане релевантен и ефикасен во следните 1- 2 години – токму поради брзината со која се менува светот на вештачката интелигенција. Но тоа за нас не е пречка, туку поттик. LearnAI Lab е намерно дизајнирана како флуиден модел, чија главна цел е да им помага на компаниите да носат паметни одлуки и да градат стратегии што се отпорни на промени. Наместо да им нудиме готови преддефинирани решенија, ние се фокусираме на оптимизација на нивните постоечки ресурси и развој на капацитетите што ги поседуваат. Нашата улога ќе биде да ги водиме низ овој променлив пејзаж – практично, да им бидеме компас и конкретна поддршка додека ја трасираат својата ВИ-патека.“