Тим од научници од Универзитетот Фудан во Шангај пронајде начин како да ги вратат истрошените ќелии на батеријата на речиси полн капацитет. Тие развија техника која може целосно да го промени начинот на кој ги користиме и ги рециклираме литиум-јонските батерии. Наместо исцрпените батерии да завршат на депониите или да бидат скапо заменети, новиот метод буквално ги „оживува“ со едно вбризгување.
Откритието, претставено во престижното списание Nature, доаѓа во време кога светот се повеќе се потпира на електричните возила (ЕВ), а со тоа и на нивните масивни батерии, чие рециклирање сè уште е технолошки и логистички предизвик.
Хемикалијата што го овозможува ова е литиум трифлуорометансулфинат, сол што се раствора во електролитот и ослободува литиумски јони. Кога се вбризгуваат во потрошени ќелии на батеријата, тие ги „полнат“ електродите и го враќаат нивниот капацитет на импресивни 96%.
Истражувањата покажаа дека оваа техника овозможува батеријата да издржи до 12.000 циклуси на полнење, додека денешните EV батерии траат во просек од 1.500 до 2.000 циклуси. Ова би значело и многу подолго траење на батеријата – со значително помалку отпад и помали трошоци.
Патот до „магичната молекула“ водел преку машинско учење. Научниците обучиле модел на вештачка интелигенција за да предложат молекули кои би можеле да ослободуваат јони на литиум на вистински начин. Од трите препорачани супстанции, литиум трифлуорометансулфинат покажал најдобар ефект.
„Ако можеме да му помогнеме на некој да закрепне со инјекција, зошто да не го пробаме истото со батериите?“ прашува коавторот на студијата, хемискиот инженер Јуе Гао.
Воведувањето на таква технологија би можело да има огромно влијание на пазарот на електрични возила. Денес батериите сочинуваат до 40% од цената на EV автомобил, а нивната замена е финансиски удар за повеќето сопственици. Продолжувањето на животниот век на постоечките батерии, без потреба од замена, значи помалку отпад, помали трошоци и помало влијание врз животната средина.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека технологијата се уште е во експериментална фаза. Тестовите досега беа направени само на поединечни ќелии, а вистинскиот предизвик е пред нас: како да се примени „инјекцијата“ на цел пакет батерии што може да содржи илјадници ќелии.
Оваа технологија не само што може да го трансформира животниот век на батериите во електричните возила, туку има и потенцијал да реши еден од клучните проблеми во областа на обновливите извори на енергија – управувањето со отпадните батерии. Следниот чекор е скалирање на технологијата и нејзино имплементирање во реални услови, пишува Futurism.
(Futurism)
(фото: Good Fon)