Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, по четврти пат ја организираше годишната конференција EqualXChange, под мотото “Empowering Ideas, Inspiring Journeys”. Конференцијата, која традиционално се одржува секоја година, има за цел да го поддржи растот на домашните компании, да поттикне инклузивно лидерство и унапредување на родово еднакви политики и практики на работното место, како и да отвори дискусија за вештините на иднината во дигиталната економија во Македонија.
Конференцијата започна со поздравни обраќања од Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA и Емил Крстановски, национален координатор на Меѓународната организација на трудот (ILO), воедно партнери на конференцијата.

“Истражувањата покажуваат дека кога жените имаат пристап до финансии, поддршка и еднакви можности, напредува целото општество. На конференцијата имаше 27 говорници и преку 120 гости – не само како учесници, туку како чинители на промената, подготвени за конкретни чекори што ќе ја направат еднаквоста системска, видлива и остварлива. Голема благодарност до Меѓународната организација на трудот за поддршката на оваа конференција, како и до CoWork 21 и Property One и до сите пријатели на конференцијата кои несебично се вклучија и ја поддржаа нашата мисија.” – изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA.
Оваа конференција зе организираше во соработка со Меѓународната организација на трудот (ILO) која е специјализирана агенција на Обединетите нации со главна мисија да промовира праведни услови за работа ширум светот.

“Меѓународната организација на трудот од секогаш ги предводела напорите за остварувањето на целосна еднаквост помеѓу жените и мажите. Уште во 1951 година ја носи Конвенцијата за еднакво плаќање за работа од еднаква вредност, а неколку години подоцна и Конвенцијата против дискриминација при вработување и работа. Потоа следуваат првите меѓународни стандарди на трудот за работниците со семејни обврски, заштита на мајчинството и работни места слободни од вознемирување и насилство. Напредокот кон целосна родова еднаквост и целосно спроведување на овие стандари е спор. Затоа се потребни партнери, како Алијансата за родова еднаквост на работното место, кои ја споделуваат нашата заложба за социјална правда и достоинство на трудот.” – изјави Емил Крстановски, Национален координатор во Меѓународната организација на трудот.
Конференцијата продолжи со презентација на најновата публикација издадена од Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и UN Women – „Жените и мажите во Северна Македонија во 2025 година“ од страна на Директорот на ДЗС, Д-р Дејан Станков. Во своето излагање, д-р Станков претстави значајни податоци за родовите разлики во различни сфери од општеството, кои ќе претставуваат основа за креирање на идни политики и интервенции насочени кон постигнување поголема родова еднаквост.
“Конфренцијатаима големо значење за Државниот завод за статистика, бидејќи овозможи да се презентираат важни статистички индикатори произведени од Статистика, кои се основа за јавна дебата и донесување на одлуки засновани на докази со цел унапредување на еднаквите можности во нашето општество. Конференцијата претставува важен чекор кон унапредување на процесите на донесување на информирани одлуки, што е од суштинско значење за постигнување на одржлив развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.” – изјави д-р Станков.

Оваа година, во рамки на официјалната програма на конференцијата, 27 домашни експерти и професионалци од приватниот и јавниот сектор, преку панел дискусии и студии на случај зборуваа на теми поврзани со пристап до финансии и финансиска едукација како основа за економско зајакнување; домашни успешни приказни од компании кои говореа за предизвиците на растот, проширувањето на странски пазари и подготовка за берзанско котирање; родово еднакви податоци и политики на работното место; и идни вештини и потребата од адаптација во дигиталната економија.
Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, иницирана од Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија (АЕТСМ), работи кон создавање на инклузивна култура во која секој е еднакво вреднуван за својот придонес. Алијансата е препознаена и како commitment maker за родова еднаквост при UN Women, и активно придонесува кон исполнување на целта за одржлив развој #SDG5 – Родова еднаквост.

Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Property One Group, Aristocrat, и Avenga Academy.
Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата се достапни на: https://genderequalityalliance.org.