Цените на нафтата се искачија на највисокото ниво од јануари, откако САД одлучија да му се придружат на Израел во нападот на иранските нуклеарни постројки во текот на викендот, предизвикувајќи стравувања од прекини во снабдувањето.
Фјучерсите на суровата нафта „брент“ поскапеа за околу 2%, на околу 78,50 долари за барел во понеделникот наутро, додека американската WTI поскапе за повеќе од 3%, на повеќе од 75,10 долари.
Порастот дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ги „срамнил“ главните ирански нуклеарни постројки во текот на викендот, приклучувајќи се на израелскиот напад и придонесувајќи за ескалација на тензиите на Блискиот Исток, додека Техеран вети дека ќе одговори.
Иран е трет по големина производител на сурова нафта во ОПЕК. Учесниците на пазарот очекуваат понатамошни зголемувања на цените поради стравувањата дека Иран би можел да возврати со затворање на Ормутскиот теснец, клучна транспортна рута низ која минува околу 1/5 од светската нафта.
Според индиските аналитичари, сегашната геополитичка ескалација го дава главниот поттик цените на “брент” да се движат кон 100 долари, додека цената од 120 долари за барел станува сè поверојатна. Иранската Press TV објави дека иранскиот парламент усвоил мерка за затворање на теснецот. Иран претходно се закани дека ќе го затвори, но никогаш не ги исполни тие закани.
Иран и Израел разменија воздушни и ракетни напади, додека глобалните тензии се зголемија поради очекуваниот одговор на Техеран на американскиот напад врз нуклеарни постројки.
- Ризикот од оштетување на нафтената инфраструктура е многукратно зголемен. Иако има алтернативни цевководи, одредени количини нафта не би можеле да се извезат доколку Ормускиот теснец стане недостапен. Превозниците во тој случај би го избегнале регионот.
Дали поскапувањето на суровата нафта ќе влијае на цената на горивата на пумпите? Голдман Сакс во неделниот извештај наведува дека цената на нафтата “брент” може накратко да достигне 110 долари за барел доколку протокот на нафта низ Ормутскиот Теснец се преполови за еден месец и остане намален за 10% уште 11 месеци. Сепак, банката оценува дека нема да има значителни нарушувања во снабдувањето со нафта и гас, истакнувајќи дека постои глобален поттик да се спречи долгорочна и голема дестабилизација.
Со оглед на тоа што Ормутскиот теснец е клучна извозна точка на нафта за самиот Иран, кој е главен извор на државни приходи, неговото трајно затворање може да предизвика голема економска штета на самиот Иран, посочуваат аналитичарите.
Цената на нафтата „брент“ порасна за 13% од почетокот на конфликтот на 13 јуни, додека WTI порасна за околу 10%.