Тимот студенти од УКИМ кој го создаде првиот македонски болид бара донации за да го заврши новиот, технолошки унапреден болид со кој што треба да ја претставува Македонија летово на два меѓународни натпревари.
Од тимот МЕS Racing за „Иновативност“ објаснуваат дека донациите им се потребни за набавка на опрема за возачите, резервни делови, сместување и храна за време на натпреварите.
„Ние сме 90% готови со изработка на новиот болид и истиот деновиве ќе биде изложен неколку дена во Сити Мол во Скопје. Потоа ќе следува тестирањето на возилото и средување на некои естетски делови од колата“, велат од тимот на МЕS Racing.
По јавниот апел дека тимот има потреба од дополнителни средства досега добиле повеќе донации.
„Секоја донација, без разлика на големината, ни е битна и потребна. Средствата се секогаш добредојдени, но до крајот на јули би било идеално да ги собереме, бидејќи едниот натпревар на кој што ќе учествуваме во Романија се одржува од 28 јули до 07 август, а вториот во Хрватска е од 11 до 16 август“. Проектот е скап, велат од тимот, а средствата го обезбедуваат делумно од Универзитетот, делумно од донации.
Ова подобрување на перформансите на првиот македонски болид наречен „Аце„ доаѓа по минатогодишното учество на Формула Студент, меѓународниот натпревар во Загреб на тест патеката на „Rimac”.
“Аце“ се развива во лабораторијата на Машинскиот факултет при УКИМ од страна на студентски тим составен од повеќе студенти од различни факултети од УКИМ. Досега во развојот на македонскиот тркачки автомобил учествувале стотина студенти и професори.
Тимот на Inovativnost Insights пред неколку месеци имаше голема чест да се запознае со дел од тимот на лице место – во лабораторијата каде што се „раѓа“ болидот. Во оваа прилика, како дел од напорите да се обезбедат што повеќе средства за меѓународни учества ви го пренесуваме видео интервјуто со Димитар и Стефан од тимот на МЕS Racing кои ни раскажаа се за минатогодишното натпреварување во Загреб на тест патеката на „Rimac”, за личната средба со Мате Римац и за амбициозните планови за поголем успех на македонскиот тим на ова престижно натпреварување претстојново лето.