Во последните три месеци, инвеститорите, поттикнати од нестабилноста на американската трговска политика и растечката политичка интервенција под претседателот Доналд Трамп, го пренасочуваат капиталот од САД кон Европа. Според „Фајненшл тајмс“, европските акции забележаа извонреден прилив на капитал на почетокот на 2025 година, а европските индекси го надминаа американскиот S&P 500, што е прв пат по неколку години Европа да стане попривлечна дестинација за глобалните инвеститори.
Нестабилноста во САД, првенствено поради непредвидливите тарифи на Трамп и заканите за трговска војна со ЕУ, создаде чувство на неизвесност кај инвеститорите. Европските претставници и пазарните аналитичари истакнуваат дека американските берзи се под притисок во последните месеци, додека европските акции значително ја надминаа конкуренцијата, главно поради трговската политика на Трамп и најавите за повлекување на американската воена поддршка за Европа. Според „Вашингтон пост“, администрацијата на Трамп дополнително ја разнишала довербата на европските сојузници со повлекувањето на поддршката за Украина и склучувањето договор со Москва без вклучување на ЕУ, што ги принуди европските лидери итно да ги зголемат трошоците за одбрана и да ги забрзаат воените реформи. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека Европа е во „нова ера“ во која „фундаменталните претпоставки се доведуваат во прашање“ и објави планови за отклучување до 800 милијарди евра за дополнителни трошоци за одбрана.
Според податоците од Лондонската берза, европските акционерски фондови привлекоа повеќе од 100 милијарди долари од почетокот на годината, што е три пати повеќе отколку во истиот период минатата година, додека одлив од речиси 87 милијарди долари е регистриран одлив од САД. Европската комисија планира дополнително да ги охрабри инвестициите преку создавање „унија за штедење и инвестиции“ што би мобилизирала илјадници милијарди евра од европските штедни сметки, а во исто време би го поттикнала консолидирањето на европските менаџери на средства и намалувањето на бирократијата. CNN истакнува дека наглото зголемување на воените трошоци би можело значително да ја зајакне индустриската база на Европа, особено ако средствата се насочат кон високотехнолошко домашно производство, а не кон увоз на оружје. Германија, од друга страна, најави повеќе од 500 милијарди евра инвестиции во инфраструктура и енергетска транзиција, со дополнителни 150 милијарди за модернизација на одбраната, со што се оддалечува од повеќегодишната политика на штедење и отвора врата за нови инвестициски можности. Дојче веле објави во мај 2025 година дека Германија забележала повеќе од двојно зголемување на приливот на странски директни инвестиции во првите четири месеци од годината, додека германските компании истовремено повлекле капитал од САД, што укажува на длабока промена во глобалните инвестициски текови.
Според анализата на BBC од април 2025 година, европските лидери се свесни дека поволното време е ограничено и дека е потребно брзо да се спроведат најавените реформи и инвестиции. Според „Фајненшл тајмс“, „и покрај скромната прогноза за раст од само 1,1 процент за 2025 година, постојат голем број фактори кои би можеле дополнително да го поттикнат расположението на европските пазари, вклучувајќи го фискалниот пресврт на Германија и растечката доверба на инвеститорите“.
(Пословни дневник)
Фото – Store Norske leksikon