Резултатите од онлајн анкета спроведена на крајот на месец јуни 2025 година со учество на над 1.000 млади лица од земјава потврдуваат постоење на евроскептицизам помеѓу младите луѓе, различни очекувања за членството во ЕУ, како и голем број можности и активности кои можат да се преземат од страна на националните и ЕУ институциите во соработката со младите луѓе на овој план.
Истражувањето е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон Европската Унија и се реализира во рамки на соработката меѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот Центар за извонредност (ECE Брисел) и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со македонската младинска платформа „Студентарија“.

41% од младите во земјава ја доживуваат Европската унија позитивно, 24% имаат негативен став за Унијата, додека нешто над една третина или речиси 35% од младите се неутрални, што јасно укажува на отворен простор за дејствување, но и на отсуство на конкретно доживување или поврзаност со ЕУ вредностите.

Во поглед на иднината на земјата во Унијата, податоците се мошне скептични. Речиси половина од испитаниците, односно 46.5%, не веруваат дека Македонија воопшто ќе стане земја-членка на ЕУ. 35.8% сепак се изјаснуваат дека македонската евроинтеграција ќе се случи, но во подалечна иднина, додека само 6.7 % веруваат дека тоа може да се случи во следните пет години, а останатите 11% не знаат, односно немаат став по ова прашање.

Корупцијата е убедливо посочена од младите од земјава како најголема пречка за европската интеграција, со 84.6% од испитаниците што ја избрале оваа опција. По неа следат билатералните спорови (61 процент) и ниската доверба во институциите (60 проценти) – фактори кои јасно покажуваат дека младите ја препознаваат внатрешната политичка состојба како клучен предизвик за приближување кон ЕУ, но и очекуваат конкретни чекори од националните институции во борбата против корупцијата како основа за подобри услови за живот и останување на младите во земјата.

Според анкетата, младите се изјасниле дека се доволно запознаени со вредностите и политиките на ЕУ. Оваа можност ја избрале 53%, додека речиси ист број на млади испитаници рекле дека се многу (22%) или, пак, малку (21.5%) запознаени за ЕУ. Низок процент, односно само 3.5% од младите рекле дека воопшто не се запознаени со вредностите и политиките на Унијата.

Најголема заинтересираност помеѓу младите од земјава на теми поврзани со ЕУ предизвикуваат можностите за работа и живот во ЕУ за што се изјасниле 76.2%. На второто место се програмите за образование и млади како Еразмус+ за што се изјасниле 55.1%, додека, пак, третото место го заземаат темите поврзани со заштитата на човековите права, опција за која се изјасниле 50% од младите. Понатаму младински интерес за ЕУ будат заштитата на животната средина (48.1%), дигитализацијата и иновациите (44.5%) и културната размена (32.2%).

На прашањето „Доколку имате можност, дали би сакале да учествувате во дијалог со претставници на ЕУ?“ високи 41.6% од испитаниците изразиле желба да учествуваат во дијалог со претставници на ЕУ и нејзините институции, што покажува отвореност за директна комуникација и вклучување. Сепак, 30.5% од младите луѓе ја избираат опцијата за неучество во ваков дијалог, а сличен број млади луѓе (27.9%) се изјасниле дека во моментов не се сигурни дали би се вклучиле или не. Одговорот на ова прашање повторно остава голем простор за проактивни мерки и активности од страна на ЕУ со цел поттикнување на дијалог со младите од земјите-кандидати за членство во Европската Унија.

На прашањето која земја од Западен Балкан најверојатно ќе стане членка на ЕУ во следните пет години, младите од земјава најчесто го избираат одговорот дека тоа ќе биде Албанија, со над 53.2% од гласовите, додека втора на листата е Црна Гора со 34.5%. Следи Србија со 14.7%, додека под 10% се останатите земји од Западен Балкан. Македонската интеграција како реалност во следните 5 години е посочена само од 8.2% од испитаниците, што претставува јасен сигнал и аларм со цел преземање на конкретни мерки и активности особено од домашните институции и носители на јавни функции со цел брзо надминување на загубената надеж и уверување во европската перспектива на земјата помеѓу младите луѓе со цел нивно целосно оттргнување од евроскептицизмот.
„Овие резултати се сериозен аларм и повик за акција. Ако не им се понудат реални можности, стабилност и разбирање, младите од земјите-кандидати за членство во Унијата можно е сѐ помалку да гледаат иднина во евроинтеграциите. Потребна е нова, искрена и блиска комуникација со младите, цврсти партнерства помеѓу ЕУ и земјите-кандидати за членство со фокус на младите, но и конкретна економска и демократска поддршка, која ќе биде навистина широка и отворена за секоја млада личност“, изјави Бојан Кордалов, комуниколог и директор за креирање на политики и комуникации во Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) со седиште во Брисел.
На анкетата одговорија над 1.000 млади луѓе од земјава од кои 81.5% се актуелни студенти на додипломски или постдипломски студии, а е спроведена во соработка со младинската платформа „Студентарија“ и претставува дел од тековен истражувачки процес кој ќе резултира со тематска публикација на македонски и англиски јазик и конкретни препораки за идно дејствување на националните и ЕУ институциите со цел правилно адресирање на евроскептицизмот меѓу младите луѓе во земјите-кандидати за членство во Европската Унија.