Студентот Филип Алчевски развива нов еколошки градежен материјал, циглата од слама StrawBrick

- Advertisement -

Филип Алчевски е студент на додипломски студии на Технолошко-металуршки факултет во Скопје, на насока инженерство на материјали и нанотехнологии. Паралелно со студиите, тој го уредува и порталот за студентско менторство Edunet, а активно работи и на развојот на еден интересен и иновативен производ, StrawBrick. Се работи за нов градежен материјал, сламена цигла, која се прави од две отпадни суровини, сламата од земјоделството и лигнинот од хартиената индустрија. Идејата е новиот еколошки матаријал да може да се користи како алтернатива за класичните гипс-картонски ѕидови.

Филип вели дека сака да работи на проекти на пресекот меѓу технологијата, иновациите и пазарот, да биде дел од тимови што прават промени и што размислуваат надвор од својата комфорна зона и ги охрабрува сите млади да бидат проактивни и да пробуваат нови работи. „Верувам дека шансите ретко сами доаѓаат… ние си ја создаваме сопствената среќа, па затоа – создадете ја вашата!, порачува Филип.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Филип, објасни ни што е StrawBrick.

- Advertisement -

StrawBrick е нов вид еколошки градежен материјал што го развиваме како алтернатива за класичните гипс-картонски ѕидови што се користат во внатрешно уредување. Тоа е сламена цигла, која се прави од две отпадни суровини, сламата од земјоделството и лигнинот од хартиената индустрија. Она што го прави овој производ посебен е тоа што е целосно биоразградлив, CO₂ неутрален и е произведен според принципите на циркуларна економија.

Целта ни е да понудиме материјал кој не само што е одржлив, туку и лесен за употреба. Замислата е секој што реновира или гради, да може сам да го користи, без потреба од специјална опрема, или просто кажано DIY-friendly. Покрај тоа, StrawBrick има интересен природен изглед, што го прави привлечен за архитектите и дизајнерите кои сакаат природен амбиент во внатрешноста. Иако сè уште сме во развојна фаза, визијата е јасна: да создадеме производ што ќе биде добар и за луѓето и за планетата: Grow your Walls, Don’t Mine Them!

- Advertisement -

Како всушност дојде на идеја да искористиш отпад како градежен материјал?

Идејата за StrawBrick дојде многу спонтано и неочекувано, барем за мене. Се започна како дел од еден од највозбудливите предмети што ги имав за време на мојата студентска размена во Виена – E&I Garage. Тоа беше интересен предмет кој обединуваше студенти од три различни универзитети: Техничкиот универзитет во Виена (TU Wien), Економскиот универзитет во Виена (WU Wien) и Универзитетот за природни науки во Виена (BOKU). Наместо класични предавања, работевме на вистински стартап проект кој сами го избиравме по принцип на гласање, од почетна идеја, преку истражување на пазарот, па сè до развој на прототип.

Изборот на овој студиски предмет за мене беше логичен, бидејќи отсекогаш сум имал интерес за бизнис, продажба и претприемништво. Уште од мал сум научен да размислувам како да најдам решение, како да ги убедам другите во некоја моја идеја и како да истерам некоја замисла до крај.

Конкретната идеја за StrawBrick првично ја предложи Јоханес, студент кој е асистент од Универзитетот за природни науки (BOKU). Кога ја слушнав, веднаш ми привлече внимание. Беше еколошка, иновативна и имаше силен пазарен потенцијал. Без многу размислување му се приклучив на тимот. Јас бев задолжен за бизнис делот, сè што беше поврзано со пазарот, продажбата, бизнис модел и стратегијата, помина низ мои раце.

До каде е развојот на идејата, има ли реален производ во моментов?

Во моментов сме во рана фаза на развој. Идејата е развиена, имаме основен концепт и првични технички анализи, но вистинската работа дури сега започнува. Планот ни е ова лето активно да работиме на развој на самиот материјал, да тестираме различни рецепти за да дојдеме до квалитетен состав и да почнеме со првите лабораториски испитувања, просто кажано да ги дознаеме сите ограничувања кои ги има т.н. сламена цигла.

Во исто време, аплицираме во австриски бизнис-акцелератор за финансиска поддршка за истражување и развој, како и менторска помош и пристап до мрежа на потенцијални првични корисници на овој градежен матерјал (“early adopters”), односно архитекти, дизајнери и експерти од градежниот сектор.

Свесни сме дека патот од идеја до производ кој ќе може да го пласираме на пазарот и да се продава е долг и полн со предизвици, но имаме јасна визија и најважно многу спремен и амбициозен тим. Оваа фаза ја гледаме како можност да научиме што повеќе, да го подобриме производот и да изградиме добра основа за понатамошен развој.

Објасни ни каде и како би можел да се користи?

StrawBrick е наменет за внатрешни ѕидови кои немаат носечка функција, односно, за преградни ѕидови во станови, куќи, канцеларии или комерцијални простории. Идејата е да биде алтернатива на класичниот гипс картон, но со многу помало влијание врз животната средина и да изгледа многу попривлечно.

Освен што е одржлив, материјалот има и естетска вредност. Поради природниот изглед и текстурата на сламата, StrawBrick би можел да се користи како финален, видлив слој, без потреба од дополнително малтерисување или боење. Тоа го прави интересен за архитекти и дизајнери кои сакаат природен и модерен амбиент. Долгорочно, гледаме потенцијал за примена и во еко-хостели, канцелариски простории со одржлив концепт, па дури и уметнички или изложбени простори каде што клиентите бараат нешто различно и визуелно впечатливо. Најважното е што StrawBrick не е само „материјал“, сакаме да создадеме нов начин на размислување за тоа како и од што градиме.

Неодамна StrawBrick го освои првото место на Entrepreneurship Avenue – најголемиот европски настан за студентско претприемништво, кој се одржа во Виена. Што значи ова признание за тебе и твојот тим?

Ова признание значи многу за нас како тим, особено затоа што доаѓа од настан од ваков ранг како што е „Entrepreneurship Avenue”, најголемиот студентски стартап настан во Европа. Конкуренцијата беше огромна, имаше многу спремни тимови од целиот континент, со навистина креативни и иновативни идеи.

За мене лично, ова е потврда дека со труд, стратешко размислување и вистински тим околу тебе, можеш да постигнеш многу, без разлика од каде доаѓаш. Јас доаѓам од Македонија, студирам на Технолошко-металуршки факултет во Скопје, и сум навистина благодарен што добив поддршка од мојот факултет за да заминам на студентска размена во Виена. Тоа ми ја отвори вратата кон вакви можности. Се надевам дека сите овие знаења и искуства ќе можам да ги применам овде и да придонесам што повеќе во земјава да се гради и размислува долгорочно.

Секако, ова е само еден чекор на подолгиот пат. Победата ни даде дополнителна мотивација, самодоверба и нови контакти што веќе ни помагаат во следните фази на развој на StrawBrick.

Колку ти и твојата генерација сте свесни за потребата од одржливост во секој сектор на живеењето, за разлика од генерацијата на твоите родители?

Мислам дека мојата генерација е многу посвесна за важноста на одржливоста, особено споредено со генерацијата на моите родители. Живеејќи неколку месеци во Виена, секојдневно гледав колку е темата за екологија и одржливост вкоренета во сите сектори, од рециклирање, преку енергетска ефикасност, па сè до изборот на материјали и производи. Луѓето овде не мислат од денеска за утре, туку размислуваат каква иднина сакаат да изградат за следните генерации.

Во Македонија и на Балканот, одржливоста е сè уште релативно нов концепт. Се чувствува дека свеста почнува да се менува, особено кај младите, но сепак има долг пат пред нас. Кај нас уште доминира размислувањето „да биде евтино и брзо“, додека одржливоста често се гледа како „луксуз“, тема од која има многу погорливи прашања кои треба прво да се решат или нешто што е резервирано за побогатите земји.

Она што мене лично многу ме инспирираше додека бев во Виена е бизнис моделот „trash-to-cash“ – претворање на отпад во вредност. Тоа е тренд што тука е навистина голем, а јас верувам дека има огромен потенцијал и кај нас да се примени. Секако, за да стигнеме до таму, ќе треба многу повеќе едукација, свесност и поддршка, и од институциите, и од бизнис заедницата.

Дали мислиш дека во моментов се доволни напорите што се прават да се обезбеди иднина за твојата генерација?

Искрено, мислам дека може и мора многу повеќе да се направи. Многу одлуки се носат со краткорочна перспектива, што е поевтино, побрзо или полесно во моментот, без да се размислува за долгорочните последици по животната средина и по квалитетот на живот за идните генерации.

Особено кај теми како градежништвото, енергетиката и отпадот, има многу малку системски промени. Потребни се повеќе инвестиции во едукација, суштинска и транспарентна поддршка за зелени иновации и охрабрување на младите претприемачи кои сакаат да прават промени. Секој млад човек од кај нас што има добра идеја треба да има лесен пристап до знаење, совети и информации како да ја развие, но и до некоја финансиска поддршка за таа идеја да не остане само на хартија, туку да стане вистински проект.

Но, од друга страна, верувам и дека секоја генерација има одговорност сама да си ја креира сопствената иднина. Ние, младите, не можеме само да чекаме другите да ни ги решат проблемите, затоа и јас се обидувам преку StrawBrick да дадам мал, но конкретен придонес.

Мислиш ли дека ваква иновативна, еколошка идеја може да се развива во Македонија? Што мислиш дека би биле најголемите предизвици?

Верувам дека вакви идеи можат да се развиваат и во Македонија, но со многу повеќе труд и упорност отколку на други места. Кај нас постои талент, има млади луѓе со добри идеи и желба за промени, но реалноста е дека екосистемот за стартапи, особено за физички производи и одржливи материјали, сè уште е во развој. Еден од најголемите предизвици е недостатокот на финансиска поддршка за рана фаза на развој. Инвеститорите кај нас повеќе се насочени кон ИТ и дигитални проекти, додека за хардвер и иновации во градежништво речиси и да нема интерес.

Друг проблем е недоволната свест кај крајните корисници за важноста на одржливите материјали. Многу луѓе сè уште ја гледаат цената како единствен фактор при изборот на материјали, без да размислат за еколошкото влијание и за трајноста. И покрај сè, верувам дека вакви иницијативи можат да успеат ако се работи со вистинска стратегија, ако има поддршка од академската заедница, од државата и нејзините органи, од бизнис заедницата и ако се најдат партнери кои веруваат во долгорочната вредност на ваквите решенија.

Какви се твоите планови за во иднина, врзани за StrawBrick, но и генерално?

Краткорочно, планот е да го доразвиеме StrawBrick, да направиме квалитетен производ кој ќе се продава. Треба да го поминеме процесот на прототипирање, тестирање и валидација со потенцијални клиенти. Ако сè оди по план, целта ни е да ја добиеме првата финансиска поддршка и да започнеме со пилот-проекти со архитекти или инвеститори кои сакаат да бидат први корисници на ваков материјал.

На подолг рок сакам да бидам дел од секторот за одржливи градежни материјали и да работам на спојот меѓу технологија, продажба и претприемништво. Себе си секогаш сум се гледал како човек што не сака да има „стандартна работа“, туку сака да создава нешто ново, да менува пазари и да претставува промена.

Искуството со StrawBrick ми покажа дека тоа е правецот што ме исполнува, да работам на нешто што има реално влијание врз околината, економијата и општеството. Секако, свесен сум дека патот е долг и не секогаш лесен, но токму тоа е убавината на целиот процес. Сакам и понатаму да учам, да се надградувам и да се поврзувам со луѓе кои размислуваат слично.

Сподели!
- Advertisement -