Администрацијата на Трамп ги ублажи ограничувањата за извоз на софтвер за дизајн на чипови во Кина, додека Вашингтон и Пекинг работат на ублажување на тензиите според неодамна постигнатиот трговски договор.
Сите три главни компании за софтвер за дизајн на чипови – Synopsys, Cadence и Siemens – изјавија дека биле известени од Министерството за трговија на САД дека се укинати извозните ограничувања воведени во мај.
Соединетите Американски Држави ја запреа продажбата на клучни софтверски алатки за дизајн на полупроводници во Кина кон крајот на мај, како одмазда за тоа што Пекинг ефикасно го блокираше извозот на ретки земни метали, повторно разгорувајќи ги тензиите меѓу двете земји откако постигнаа трговско примирје во Женева претходно истиот месец
Изјавите на компанијата сигнализираат чекори што двете најголеми економии во светот ги преземаат кон спроведување на трговскиот договор формализиран минатата недела, кој произлезе од разговорите во Лондон во јуни, кои се фокусираа на извозот на ретки земни метали. Според договорот, САД ќе ги укинат извозните ограничувања за софтвер за чипови, хемискиот етан и авионските мотори, додека Кина ќе дозволи извоз на ретки метали во САД.
Американската компанија Сadence и германскиот Siemens потврдија за CNN дека извозните ограничувања повеќе не се на сила, додека Synopsis, исто така американска компанија, во соопштението изјавија дека претходното писмо од Министерството за трговија во врска со ограничувањето е повлечено. Сadence и Synopsis изјавија дека се во процес на враќање на пристапот до ограничен софтвер и алатки во Кина, а Synopsis исто така „го проценува влијанието на извозните ограничувања поврзани со Кина врз нејзиното работење, резултати и финансии“.
Во меѓувреме, Siemens го врати целосниот пристап до софтверот и технологијата кои претходно беа предмет на извозни ограничувања и ја продолжи продажбата и техничката поддршка за кинеските клиенти, изјави портпарол на компанијата.
Експертите изјавија дека контролата на извозот на САД врз софтверот за дизајн на чипови – познат како софтвер за електронска автоматизација на дизајнот (EDA) – може да има катастрофални последици за полупроводничката индустрија на Кина, бидејќи софтверот е клучен за развој на нови микрочипови.
(Kamatica)