„Спортот како национален идентитет и визија за иднината“
09.07.2025, Скопје – Годинава Скопје ќе биде центарот на регионалниот спортски дијалог, како домаќин на Првиот Регионален Спортски Самит, кој ќе се одржи под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“. Овој иновативен и стратешки значаен настан е прв од ваков вид во нашата земја и ќе понуди уникатна можност за поврзување, инспирација и развој на национално и регионално ниво.
Спортскиот самит ќе опфати повеќе теми, меѓу кои: спортска иднина, национална стратегија, инвестиции и иновации. Целта е да се иницираат суштински разговори и конкретни иницијативи поврзани со развојот на спортската индустрија, модернизацијата на инфраструктурата, промоцијата на спортот меѓу младите и дигиталната трансформација на спортските системи.
Ќе се дискутира и за клучни сегменти како што се унапредувањето на младинскиот спорт, идентификацијата и поддршката на нови спортски таленти, спонзорството и спортскиот маркетинг, како и формирањето на долгорочна национална стратегија за спортот во Македонија.
„Скопје со гордост го отвора новото поглавје во регионалната спортска соработка. Првиот Регионален Спортски Самит, под мотото ‘Спортот како национален идентитет и визија за иднината’, не е само настан – тоа е платформа за дијалог, стратегии и визии кои ќе го обликуваат спортот на Балканот. Ова е уникатна можност да ги поврземе спортските лидери, институциите, федерациите и младите генерации во заедничка мисија – да го препознаеме спортот како сила што обединува, инспирира и гради посилни општества. Скопје е подготвено да биде домаќин на промени кои ќе се чувствуваат далеку надвор од спортските терени.“ – изјавија од организторите.
Самитот ќе ги обедини претставниците на спортските федерации и клубови, професионални и аматерски спортисти, тренери, претставници на државните институции и локалната самоуправа, приватниот сектор, медиумите, универзитетски професори и студенти, како и гости од меѓународни спортски и бизнис организации регионот.
Во контекст на сè поголемата потреба од интегриран пристап кон спортот – како економски сектор, здравствено и образовно прашање, но и како алатка за општествена кохезија – самитот ќе понуди можност за учество на сите засегнати страни кои сакаат активно да придонесат кон формирање на одржлив и модерен спортски систем. Ќе бидат презентирани добри практики, панел-дискусии и презентации, како и простор за идеи и иницијативи кои ќе произлезат директно од учесниците.
Преку ваков тип вмрежување и стратешка дебата, самитот има за цел да стане трајна платформа за поврзување на спортските работници со инвеститорите, креаторите на политики и медиумите, како и да ги инспирира новите генерации млади да го препознаат спортот како значајна и вредна насока во нивниот личен и професионален развој.
Организатор на овој настан е Why Not Communications, а истиот ќе се одржи на 10.09.2025.