Сетилото за мирис на кучето може да ја открие Паркинсоновата болест во нејзините рани фази, открива нова студија.
Инспирирани од жена која можела да ја намириса Паркинсоновата болест години пред да биде дијагностицирана, британските научници сега ги обучуваат кучињата да го прават истото, со изненадувачки резултати.
Во строго контролирано, двојно слепо испитување, научници од Универзитетот Манчестер и организацијата Medical Detection Dogs обучиле десет кучиња да ја детектираат Паркинсоновата болест користејќи го мирисот на брисеви од кожа. Само две кучиња, лабрадор и златен ретривер, успешно ја завршиле обуката, но и двете покажале висока точност во откривањето на болеста.
Едно куче правилно ги идентификувало пациентите со Паркинсонова болест во 90% од случаите, со 10% лажно позитивни резултати. Другото имало помалку од 2% лажно позитивни резултати. Резултатите потврдуваат дека кучињата можат да го намирисаат уникатниот мирис поврзан со болеста.
“Кучињата во оваа студија постигнале висока чувствителност и специфичност и покажале дека постои мирисен потпис специфичен за пациентите со болеста. Нивоата на чувствителност од 70% и 80% се далеку над случајноста и верувам дека кучињата би можеле да помогнат во развојот на брз, неинвазивен и економичен метод за идентификување на пациенти со Паркинсонова болест”, вели Никола Руни, бихевиорист за животни на Универзитетот Бристол и еден од авторите на студијата, која беше објавена во весникот Journal of Parkinson’s Disease.
Студијата следи по една деценија откритија предизвикани од случајот на Џој Милн, шкотска медицинска сестра со исклучително чувство за мирис. Милн стана позната во 2016 година, кога во мала студија правилно ги идентификуваше сите пациенти со Паркинсонова болест според мирисот на нивната облека, а нејзиниот единствен пропуст се покажа како точен една година подоцна.
Во 2019 година научниците од Универзитетот Манчестер изолираа специфични испарливи соединенија одговорни за препознатливиот мирис на Паркинсонова болест, што беше потврдено и од Милна. Овие соединенија сега се тестираат како дел од експериментален дијагностички брис.
Моментално не постои ран тест за Паркинсонова болест, а симптомите можат тлеат до 20 години пред да станат видливи и трајни и да доведат до потврдена дијагноза.
(Science Alert)