Индексот на пасоши Henley Passport Index, кој користи ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) за да ги рангира пасошите според бројот на дестинации што граѓаните можат да ги посетат без виза, штотуку го објави своето ажурирање за 2025 година. Резултатите покажуваат континуирана доминација на европските земји, но и силен раст на азиските земји.
Сингапур го освои првото место на листата по втор пат по ред, со можност за патување без виза во дури 193 земји низ целиот свет. На второ место се Јапонија и Јужна Кореја, со по 190 дестинации. Веднаш по нив следат европските земји.
Седум членки на Европската унија – Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија и Шпанија – сега го делат третото место, со пристап до 189 земји. Четвртото место им припаѓа на Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Шведска, кои имаат безвизен режим со 188 дестинации. Грција, Швајцарија и Нов Зеланд ги заокружуваат првите пет.
Вкупно 28 европски земји се наоѓаат меѓу првите 10 во светот, благодарение на нивното членство во Шенген зоната и силните дипломатски врски. Сепак, не сите европски земји се подеднакво рангирани – има некои што значително заостануваат зад просекот.
На дното на европската листа е Белорусија, која е на 62-ро место, со безвизен пристап до 81 земја, што е далеку под глобалниот просек од 109 дестинации.
Додека некои земји се искачуваат на ранг-листата, некои суперсили паѓаат. Велика Британија, која беше на врвот во 2015 година, сега падна на шестото место, со безвизно патување во 186 земји. Соединетите Американски Држави, кои беа на првото место во 2014 година, моментално се на десеттото место, со 182 дестинации – што е најнизок ранг во последните две децении.
Според Henley & Partners, компанијата зад индексот, главните причини за падот се порестриктивните политики за влез во овие земји. Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати (8-мо место), Саудиска Арабија (54-то место) и Кина (60-то место) брзо напредуваат, благодарение на проширувањето на безвизните договори и олеснувањето на процедурите за влез.
(Bizlife)