Стевиата ги убива клетките на ракот, a не им штети на здравите клетки

- Advertisement -

Билната замена за шеќер стевиа може да се користи за лекување на најсериозните видови на рак без несакани ефекти, покажа нова студија. Студијата е објавена во Меѓународниот журнал за молекуларни науки, но тестовите досега се спроведени само на лабораториски примероци.

Стевиата е позната како природен засладувач без калории, но истражувачите на Универзитетот Хирошима открија дека има многу поважен потенцијал. Стевиата ферментирана со сој на бактерии од листови од банана покажа извонредна антиканцерогена активност против клетките на ракот на панкреасот – еден од најагресивните и најсмртоносни тумори денес.

- Advertisement -

Ова откритие отвора можност за развој на таканаречени пробиотски терапии за рак.

Во рамките на студијата бактерии од банани беа користени за екстракција на ново соединение со антиканцерогени својства од стевиа. Тука пробиотските култури не дејствуваат како лек сами по себе, туку служат како биолошка алатка за создавање помоќни молекули што телото поинаку не би ги произведувало. Таквиот пристап – познат како микробна биотрансформација – отвора врата за развој на сосема нови терапии.

- Advertisement -

Истражувачкиот тим предводен од проф. Масанори Сугијама и извонредниот проф. Нарандалај Даншицуоло покажа дека ферментацијата на екстракт од стевиа со употреба на соеви на Lactobacillus plantarum SN13T драстично го менува неговиот хемиски состав. Создадено е ново соединение – метил естер на хлорогена киселина (CAME) – кое покажува силен цитотоксичен ефект врз клетките на ракот на панкреасот (PANC-1 линија), а не им штети на здравите клетки на бубрезите (HEK-293).

Бубрезите се особено чувствителни на токсичноста на лековите, особено на хемотерапевтските лекови. Многу цитотоксични терапии (на пр., цисплатин) предизвикуваат нефротоксични несакани ефекти, што значи дека можат сериозно да го оштетат ткивото на бубрезите. Затоа во претклиничките студии штетата често се тестира на клетки на бубрезите.

- Advertisement -

Дополнително, клетките на бубрезите HEK-293 се стандардна линија на човечки ембрионални клетки на бубрезите и се широко користени како модел за нормални, нетуморски клетки. Нивната отпорност при тестирањето значи дека потенцијална терапија би можела да го таргетира туморот без сериозни несакани ефекти врз здравите ткива.

CAME, создаден со микробиолошка трансформација, е значително поефикасен од неферментираната стевиа, па дури и од самата хлорогена киселина од која е создаден. Ензимите произведени од специфични бактерии од банани играат клучна улога во овој процес.

Во контролирани лабораториски услови научниците ги споредиле ефектите од ферментираниот и неферментираниот екстракт од стевиа. Ферментираниот екстракт (FSLE) покажал значително подобро уништување на клетките на ракот на панкреасот и во исто време не предизвикал оштетување на здравите клетки, дури и при високи концентрации.

Покрај тоа што ја промовира апоптозата – природен механизам на клеточна смрт – CAME има и потенцијал селективно да ги таргетира туморските клетки, што е исклучително важно во развојот на безбедни терапии против рак..

Следниот чекор во истражувањето треба да биде спроведување експерименти на животински модели што ќе помогнат да се утврди ефикасноста, безбедноста и оптималните дози на CAME во реални биолошки системи.

Според проф. Даншицуоло, ова истражување не само што го продлабочува разбирањето на микробната биотрансформација на растителните екстракти, туку и ги поставува темелите за употреба на пробиотици како природни антитуморски агенси.

(Index.hr)

(фото: Heute.at)

Сподели!
- Advertisement -