Марко Доневски, Елена Тодорова и Маја Наумоска се студенти од втора и трета година на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Тие се креатори на нова технологија наменета за медицината, која развива сензори кои го детектираат напредокот при рехабилитација од повреди на колената, поточно на латералните лигаменти на коленото, кои се меѓу најчестите спортски повреди. Младите иноватори велат дека се обединиле околу заедничката страст кон иновациите, но и во желбата реално да му помогнат на својот ментор кога се соочил со повреда и процес на рехабилитација.
Во разговор за Иновативност, Марко Доневски вели дека системот кој го следи движењето и прогресот на пациентот при извршување на вежбите е во фаза на прототип и ќе треба да биде клинички тестиран, а планираат и да започнат разговори со компании заинтересирани за производство или соработка.
Младите иноватори се убедени дека, иако се на почеток, имаат солидна основа за сериозна медицинска иновација. Велат дека сакаат да продолжат да работат на иновации кои имаат вистинско влијание врз луѓето и да покажат дека и од Македонија може да се создава технологија со светски потенцијал
Новинар – Сања Наумовска
Марко, развивате технологија за употреба во медицината, поточно сензори кои го детектираат напредокот при рехабилитација од повреди. Објаснете ни подетално за каква технологија се работи?
Нашиот изум е наменет за пациенти кои се во процес на рехабилитација по повреди на латералниот лигамент на коленото. Тоа се повреди што често ги доживуваат спортисти, но и луѓе во секојдневни активности. Се работи за систем кој го следи движењето и прогресот на пациентот при извршување на вежбите. Сензорите се поставуваат на ногата и го мерат аголот на свиткување и исправување на коленото, при што се добиваат податоци за подвижноста, стабилноста и контрола на мускулатурата.
Сите тие податоци се испраќаат до мобилна апликација која овозможува детална визуелизација на напредокот. Тоа значи дека и пациентот и физиотерапевтот имаат прецизна слика за тоа како тече процесот, без потреба од сложена и скапа опрема.
Ова не е само технолошки проект, ова е наш обид да дадеме решение кое директно ќе им помогне на луѓето да се вратат побрзо и побезбедно на нормалните активности по повредата. Инспирацијата за проектот дојде од лични искуства со повреди, каде што видовме колку рехабилитацијата знае да биде неизвесна и фрустрирачка. Нашата цел е едноставна, да го направиме тој процес помалку непознат, помалку тежок и многу поефикасен.
Користиме достапни сензори и софтверски решенија, што значи дека ова може да биде едноставно, евтино и прилагодливо решение.

Колку време работите на овој проект и во која фаза е развојот?
На проектот активно работиме околу осум месеци, иако идејата ни се вртеше во глава и порано. Се започна како разговор меѓу тројца студенти кои сакаат да направат нешто повеќе од само семинарска работа. Прво направивме истражување за типични повреди и процесот на рехабилитација, потоа развивме основен концепт за уредот, па чекор по чекор, одиме во фаза на прототип. Активно работиме на усовршување на апликацијата за визуелизација на резултатите.
Голем дел од времето го посветивме на тоа како да ги прикажеме податоците на лесен и корисен начин, не за инженери, туку за пациенти и физиотерапевти. Паралелно со развојот, почнавме и со подготовка за презентации и натпревари, што ни помогна да го тестираме проектот и во реална комуникација со публика, жири и други тимови.
Моментално сме на прагот на она што би го нарекле „напреден прототип“, доволно стабилен за демонстрации, но сè уште не тестиран клинички. Следниот логичен чекор е тестирање со вистински корисници, во соработка со здравствени установи. За тоа активно бараме партнери и поддршка.
Нашиот фокус во оваа фаза е да го направиме уредот сигурен, прецизен и доволно флексибилен за различни видови пациенти. Планираме и да започнеме разговори со компании кои можеби би биле заинтересирани за производство или соработка. Иако сè уште сме на почеток, се чувствуваме како да сме изградиле солидна основа врз која може да се гради сериозна медицинска иновација.
За каков тип на пациенти ќе бидат наменети сензорите и какви се очекувањата од нив?
Сензорите се наменети за пациенти кои се во процес на опоравување од повреди на латералните лигаменти на коленото, кои се меѓу најчестите спортски повреди. Но, тоа не значи дека се ограничени само на спортисти. Имаме голем број луѓе, од различна возраст и физичка подготвеност, кои минуваат низ слични рехабилитациски предизвици. Уредот е прилагоден за домашна употреба, бидејќи идејата ни е пациентот да има континуирана поддршка и надзор, без секојдневно одење во болница.
Очекуваме дека сензорите ќе овозможат поквалитетна комуникација меѓу пациентот и физиотерапевтот, но и ќе го поттикнат пациентот да биде помотивиран, затоа што ќе го гледа сопствениот напредок во реално време. Со визуелните прикажувања, и самите пациенти ќе можат да го разберат процесот, а не само да се потпираат на чувства или мислење.
На долгорочен план, очекуваме намалување на времетраењето на рехабилитацијата, подобрување на резултатите и зголемување на задоволството на пациентите. Особено важна е можноста за персонализиран пристап, бидејќи секој пациент има различна динамика на заздравување, а нашиот уред го препознава тоа.
Веруваме дека технологијата треба да биде поддршка, а не замена за здравствениот работник, токму затоа го гледаме уредот како сојузник на физиотерапевтите и ортопедите, а не како нивна алтернатива. Апликацијата нуди прегледи по ден, недела и месец, и со тоа се добива комплетна слика за процесот. Ова овозможува и навремено интервенирање доколку нешто оди надвор од планираниот тек. Во суштина, очекуваме уредот да го направи процесот на рехабилитација попаметен, потранспарентен и попријателски кон пациентот.

Што ве поттикна да го споите иновациите и медицината?
Поттикот да ја споиме технологијата со медицината дојде од многу реална и блиска ситуација. Нашиот асистент и ментор на проектот, асс. м-р Александар Крлески, имаше повреда на колено и помина низ долг процес на рехабилитација. Преку неговото лично искуство имавме можност да слушнеме директно со какви потешкотии се соочуваат пациентите, како во физичка смисла, така и во психолошка. Разговорите со него ни го отворија погледот кон една празнина во системот која можеби не ја гледаш однадвор, но која е многу важна за квалитетот на рехабилитацијата.
Нашата идеја беше да креираме технологија која нема да биде само „паметна“, туку и човечка- алатка што ќе ја олесни рехабилитацијата, ќе го мотивира пациентот и ќе му помогне на физиотерапевтот да работи подобро. Не сакаме технологијата да го замени човекот, туку да го надополни таму каде што недостига структура, сигурност и поддршка.
Овој проект е наш начин да покажеме дека иновацијата не мора да биде грандиозна за да биде важна, таа може да почне од едно искуство, од еден разговор, и да прерасне во нешто што има потенцијал да помогне на многу луѓе. Затоа веруваме дека спојот меѓу иновација и медицина е не само логичен, туку и неопходен.
Неодамна освоивте прво место на натпреварот ICAMES – International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students во Турција. Што значи ова искуство за вас?
ICAMES беше еден од најзначајните моменти во нашето академско патување. Тоа не беше само натпревар, тоа беше можност да ја раскажеме нашата приказна пред светот. Учество земаа тимови од Канада, Италија, Австрија, Јордан, Украина, и многу други земји– сите со фантастични идеи, совршено подготвени презентации и огромна енергија. Во такво опкружување, нашето прво место значеше потврда дека нашата идеја не е само релевантна тука, туку и на глобално ниво.
Ни значеше и како тимска победа како потврда дека можеме да се координираме, да се поддржуваме и да издржиме под притисок. Публиката реагираше искрено на нашиот пристап, бидејќи не претставивме само уред, туку проблем, човекова приказна и решение.
Искрено, по тој настан, самодовербата ни порасна, не само во проектот, туку и во нас самите. Ни се отворија нови врати, запознавме луѓе од академија, индустрија, други тимови со кои сè уште сме во контакт. Можеби најубавиот дел беше чувството дека сме претставиле нешто вредно во име на Македонија и нашиот факултет.

На натпреварот се сретнавте со млади и иновативни луѓе од повеќе континенти. Што мислите какви се можностите за младите кои сакаат да работат на полето на иновации кај нас?
Можности има, но мораме да бидеме искрени, често самите треба да ги создадеме. Иновациите кај нас не секогаш имаат подготвени структури или фондови што ќе те дочекаат. Но, она што го имаме е потенцијал, ентузијазам и неверојатна креативност кај младите луѓе. Кога си упорен, кога знаеш зошто нешто правиш – ќе најдеш начин.
Има организации, натпревари, програми – иако не се многу, што нудат добар старт. Проблемот е што младите често не веруваат доволно во себе, а околината знае да биде скептична. Токму затоа, настани како ICAMES се клучни и тие ни покажуваат дека ние можеме да бидеме дел од глобалната иновативна сцена. Јас сум убеден дека со вистинска поддршка, македонската младина може да донесе решенија што ќе бидат конкурентни насекаде во светот.
Кој е најголемиот предизвик со кој се соочувате додека работите на вашиот проект?
Најголем предизвик беше да направиме технологија што ќе биде прецизна, а истовремено лесна за користење од страна на пациенти и здравствени работници. Како инженери, нашата прва мисла беше да развиеме систем што работи добро технички, но брзо сфативме дека тоа не е доволно. Моравме да го поедноставиме корисничкиот интерфејс, да размислуваме како размислува пациентот, како работи физиотерапевтот и да ја направиме технологијата пријателска.
Дополнително, кога работиш на проект кој има медицинска примена, мора да бидеш свесен за сите етички, правни и регулаторни аспекти. Тоа значеше дека покрај инженерските задачи, моравме да истражуваме и многу теми од медицината, да се консултираме со доктори, физиотерапевти и пациенти.
Секако, балансирањето со студиите и другите обврски исто така е сериозен предизвик. Работевме паралелно на проектот и на факултетските задачи, и тоа бара добра организација и тимска доверба. Но, сето тоа ни даде искуство кое не може да се научи од книга. И денес, кога се соочуваме со нови потешкотии, тие веќе не изгледаат толку страшно, ги гледаме како дел од патот.
Какви се вашите планови за во иднина?
Нашата најголема желба е овој проект да прерасне во реален производ кој ќе им помогне на пациентите ширум светот. Не сакаме да остане само како пример за успешна студентска иновација. Прв чекор е доусовршување на уредот и апликацијата, а потоа и тестирање во соработка со здравствени установи. Тоа ќе ни помогне да ја потврдиме практичната употреба и да ги видиме сите детали што треба да се подобрат пред официјално да се лансира.
Во план ни е и заштита на интелектуалната сопственост, регистрација на иновацијата и истражување на можности за финансирање преку грантови, фондови или партнери од здравствената технологија. Размислуваме и за основање на стартап компанија која би се фокусирала на ваков тип на хумани, технолошки решенија.
Покрај тоа, сакаме да продолжиме да работиме на иновации кои имаат вистинско влијание врз луѓето. Не нè интересира само техничката совршеност, туку и општествената корист. Сакаме да покажеме дека и од Македонија може да се создава технологија со светски потенцијал.
Во некоја блиска иднина, се надеваме дека уредот ќе биде дел од секојдневната медицинска пракса, достапен во болници, клиники, па дури и за домашна употреба. Тоа би значело дека сме направиле нешто што останува, нешто што ќе помогне некому да заздрави, да се движи, да се врати на спорт или само да оди без болка. И тоа ни е најголемата мотивација.