Ново истражување покажа дека пандемијата на ковид била штетна за здравјето на мозокот, дури и кај луѓе кои никогаш не биле заразени. Научниците предупредија дека притисокот на кој биле изложени луѓето, од продолжената изолација до неизвесноста што ја придружувала кризата, можеби ги остарел нивните мозок. Тие откриле дека стареењето на мозокот за време на пандемијата било „поизразено“ кај мажите, постарите лица и оние од посиромашните социјални слоеви.
Моделите на стареење на мозокот биле обучени на повеќе од 15.000 здрави испитаници. Потоа биле применети на речиси илјада луѓе кои учествувале во долгорочна британска студија наречена Biobank, која го следела здравјето на возрасните на средна и постара возраст.
Половина од групата направила скенирања на мозокот пред пандемијата, а останатите пред и по глобалната здравствена криза. Откако ги проучувале снимките, научниците заклучиле дека пандемијата „значително“ го забрзала стареењето на мозокот. Тие дошле до заклучокот врз основа на возраста на нивните мозоци според снимките во споредба со нивната вистинска возраст.
Научниците откриле дека скенирањата на мозокот на испитаниците по доживувањето на кризата имале, во просек, „5,5 месеци поголемо отстапување во возраста на мозокот“.
„Откривме дека пандемијата на ковид е штетна за здравјето на мозокот и предизвикува забрзано стареење на мозокот (…) независно од инфекцијата со вирусот SARS-CoV-2“, напишаа експертите од Универзитетот во Нотингем во списанието Nature Communications.
„Она што најмногу ме изненади беше тоа што дури и луѓето кои немале ковид имале значително повисоки стапки на стареење на мозокот. Тоа навистина покажува колку искуството со самата пандемија, од изолација до неизвесност, може да влијае на нашето здравје на мозокот“, рече докторот Али-Реза Мухамади-Неџад, кој го водеше истражувањето.
Научниците, исто така, истражувале дали заразувањето со ковид-19 имало влијание врз когнитивните способности на испитаниците, проучувајќи ги резултатите од тестовите извршени за време на снимањето на мозокот. Тие откриле дека оние кои биле заразени се чини дека имаат полоши резултати на когнитивните тестови по пандемијата.
Професорката по радиологија Дороти Ауе, виш автор на студијата, изјави: „Ова истражување нè потсетува дека здравјето на мозокот е обликувано не само од болести, туку и од нашата секојдневна околина. Пандемијата изврши притисок врз луѓето, особено врз оние кои веќе имаа некои проблеми. Сè уште не можеме да тестираме дали промените што ги видовме ќе исчезнат, но тоа е секако можно и тоа е охрабрувачко.“
(Index.hr)
Фото – Pixabay