ВИДЕО: Погледнете како изгледа најбрзо изградениот стадион во историјата

- Advertisement -


Во летото 2023 година, историскиот стадион „Принц Мулај Абдела“ во Рабат беше срамнет со земја за да се направи место за помодерна и амбициозна градба.

Помалку од две години подоцна, во потфат што ги побива глобалните стандарди, Мароко му претстави на светот нов спортски бисер.

- Advertisement -

Додека слични стадиони се градат помеѓу четири и шест години, овој комплекс со 68.700 седишта и придружниот олимписки анекс беше изграден за помалку од 24 месеци, што е потфат достоен за Гинисовата книга на рекорди, пишува „Спортс Рендер“, цитиран од „Индекс“.
Новиот стадион „Принц Мулај Абдела“ со капацитет од 68.700 седишта се рангира меѓу најголемите во Африка. Неговиот дизајн е инспириран од мароканското наследство, со фасада што потсетува на палми, покрив и најсовремено LED осветлување. Хибридниот тревник, комбинација од природна трева и синтетички влакна, е исто така посебен, прв од ваков вид на континентот.

Комплексот има и луксузни ВИП ложиња, медиумски центри, како и напредни системи за управување со публиката. Целата инфраструктура, која вклучува пет пристапни моста, шест паркинзи, олимписки базен и сала, го прави мултифункционален центар подготвен за најголемите спортски и културни настани.
Олимпискиот анекс, арена со 21.000 седишта наменета првенствено за атлетика и помали фудбалски натпревари, е изграден веднаш до главниот стадион. Опремен е со атлетска патека со девет ленти сертифицирана од World Athletics, што го прави идеален за домаќинство на средби од Дијамантската лига.

- Advertisement -

Со повеќе од 21.000 модерни седишта и ВИП и медиумски зони, овој анекс заедно со главниот стадион е уникатен спортски центар во Северна Африка. Целиот проект, чија вредност се проценува на 400 до 500 милиони долари (340 до 426 милиони евра), претставува една од најголемите спортски инвестиции во историјата на Мароко. Изградбата е клучен дел од подготовките за домаќинство на Африканскиот куп на нации во 2025 година и Светското првенство на ФИФА во 2030 година, кое тие ќе го организираат заедно со Шпанија и Португалија.

Освен спортското значење, се очекува дека комплексот ќе го поттикне развојот на туризмот, ќе создаде нови работни места и ќе го зајакне меѓународното препознавање на Рабат.

- Advertisement -

Според достапните информации, работната сила дури била пренасочена од други големи проекти со цел да се исполнат исклучително кратки рокови. Таквиот пристап предизвика и одредени дискусии во земјата, но во исто време ја покажа решеноста на Мароко да ги исполни своите глобални спортски амбиции.

(Б92)

Сподели!
- Advertisement -