AI Tech Summit Skopje 2025 започна со силна инспирација – говорот на Susana Morillas, директорка за дигитална трансформација и главна архитектка за податоци и вештачка интелигенција во Salesforce. Таа ја отвори темата „Agentic AI Success“, со фокус на тоа како компаниите можат да преминат од „AI еуфорија“ кон вистинска примена на автономни агенти во секојдневното работење.
Зошто се важни AI агентите?
Последниве години вештачката интелигенција стана дел од секојдневниот речник на компаниите – од chatGPT и автоматизација, до препораки на онлајн продавници. Но Мориллас потсети дека следната фаза е многу повеќе од едноставни алатки: AI агентите.
Тие не се само „паметни ботови“ што одговараат на прашања, туку системи кои можат да разберат, да резонираат и да преземат акција. Со други зборови, агенти кои функционираат како дигитални колеги – подготвени да асистираат во реално време и да носат одлуки што создаваат директна вредност за компанијата.
Но, како што нагласи таа, воведувањето агенти не е магично копче што се притиска. Потребни се услови за да може технологијата навистина да успее.
Од визија до акција
Преку реални приказни од различни индустрии – мода, финансии, производство – Мориллас покажа како често компаниите започнуваат со големи очекувања и вложуваат во пилот-проекти. Сè изгледа ветувачки, но кога доаѓа моментот да се применат во практика, нешто запира.
Некои проекти остануваат без мерливи резултати, други се судираат со отпор од вработените и клиентите, а трети пропаѓаат поради слабости во податоците. Но токму од овие искуства се извлекуваат најважните лекции за тоа што е навистина потребно за успех.
Три темели на успехот
Суштината на пораката на Мориллас се сведува на три предуслови:
- Јасна стратегија и KPI-ја – без конкретни цели и мерење на ефектот, ниту еден AI проект не може да се оправда или развие.
- Луѓето во центарот – управувањето со промени е клучно. AI мора да биде претставен како поддршка и надополнување, а не како закана за работните места.
- Силна основа на податоци – моделите сами по себе не се доволни. Само со контекстуализирани и структуирани податоци агентите можат да даваат точни и релевантни одговори.
„AI не е тука да нè замени, туку да ни помогне. Човекот мора да остане во центарот на секој AI проект,“ нагласи Мориллас, додавајќи дека токму усогласувањето на стратегијата, културата и податоците е она што ја претвора еуфоријата во резултати.
Од хајп кон одржлива вредност
Настапот на Мориллас беше порака до компаниите дека иднината на дигиталната трансформација не се мери во број на модели или агенти, туку во тоа како тие ќе се интегрираат во бизнисот и ќе донесат вистинска вредност.
[embedded video] https://www.youtube.com/watch?v=8jYCKyMiQLc
Автономните агенти не треба да се гледаат како „чудо на денот“, туку како нови дигитални колеги кои ќе им помогнат на организациите да работат побрзо, попаметно и поефикасно. Но за тоа да се случи, потребни се визија, доверба и податоци – трите темели врз кои се гради секој успешен AI проект.