Земјоделството во ЕУ старее побрзо од другите сектори. Моментално, просечната возраст на земјоделец во ЕУ е 57 години, а само 12% од нив се под 40 години, што значи дека само 12% од земјоделците влегуваат во категоријата на млади земјоделци. Оваа нерамнотежа претставува ризик за долгорочната стратегиска автономија на ЕУ во производството на храна и одржливоста на европските земјоделски средини.
Европската Комисија на 21.10.2025 предложи „Стратегија за генерациска обнова во земјоделството“ со која се утврди јасна поддршка за младите земјоделци и привлекување на повеќе луѓе во земјоделството. Оваа стратегија има за цел двојно зголемување на бројот на млади земјоделци во ЕУ до 2040 година, при што младите и нови земјоделци ќе сочинуваат 24% од европските земјоделци.
Комисијата ќе предложи земјите-членки, особено оние кои заостануваат, да инвестираат најмалку 6% од буџетот за земјоделство за промовирање на генерациската обнова, со опција за мобилизирање на дополнителни ресурси. Стратегијата вклучува развој на национални стратегии за генерациска обнова во земјоделството до 2028 година во кои земјите ќе треба да ги утврдат постоечките пречки и да ги дефинираат мерките за поддршка врз основа на препораките на Комисијата. Земјите-членки ќе треба редовно да известуваат за нивниот напредок. Овие напори на сите земји членки ќе обезбедат одржлив, отпорен и привлечен земјоделски сектор во иднина.
Младите земјоделци се клучот за производството на храна и иднината на руралните области во ЕУ. За да продолжи земјоделството да биде отпорно и привлечно, младите луѓе мора да ги имаат потребните услови за да го градат својот живот и кариера во руралните области, со што ќе се обезбеди не само можноста да останат, туку и желбата да останат во овие области. Сепак, земјоделството се соочува со сериозни притисоци како што се стареење на работната сила, намалување на населението во руралните средини, економски и еколошки предизвици. Ограничениот пристап до земјиште, достапните кредити, пониските приходи и недостигот на релевантни вештини обесхрабруваат нови земјоделци за влез во секторот. Соочувањето со овие проблеми е стратешка потреба, но и заедничка социјална одговорност на ЕУ.
Стратегијата има за цел поддршка и подготовка на нова генерација на европски земјоделци, притоа препознавајќи го фактот дека младите земјоделци се соочуваат со специфични предизвици за кои се потребни специфични активности од секое ниво на управување – европско, државно и регионално – и низ различни политики.
За да се постигне ова, стратегијата утврдува пет клучни насоки за дејствување:
- Пристап до земјиште,
- Пристап до финансии,
- Развој на вештини,
- Обезбедување добри услови за живот во руралните средини,
- Поддршка за наследување на земјоделските бизниси.
Секоја насока е поддржана со специфични инцијативи, меѓу кои:
- Предлог за задолжителен „Старт пакет“ за младите земјоделци во следната Заедничка земјоделска политика, кој ќе овозможи полесен влез во земјоделството и основање преку сеопфатен пакет мерки, вклучувајќи еднократен грант до 300.000 евра,
- Подобро насочување на фондовите во корист на младите земјоделци,
- Соработка со Европската инвестициска банка (EIB) за развој на гаранциски шеми и/или субвенции на каматни стапки,
- Развивање на Европска опсерваторија за земјиште за подобра транспарентност, олеснување на пристапот до земјиште, поддршка на наследувањето
- Реформи за пензии, пензионирање и пренос на фарми
- Покана до младите земјоделци да учествуваат во Еразмус за млади претприемачи, каде што ќе може да научат добри практики од странство
- Поддршка за добри услови за живот во руралните средини и вклучување на младите и жените во локалниот развој,
- Кофинансирање на услуги кои ги заменуваат земјоделците за време на болест, одмор или грижа, со цел подобар баланс меѓу работата и приватниот живот.
Стратегијата е наменета да се имплементира на повеќе меѓусебно поврзани нивоа и тоа преку постоечката и идната Заедничка земјоделска политика, комплементарните политики на ЕУ, националните политики и иницијативите од засегнатите страни. Надминувањето на пречките ќе бара силна национална и регионална вклученост за да се обезбеди ефикасен ефект.
(Agrotim)
Фото – Freerange stock



