Секој учесник може да донесе до пет предмети и да избере нешто што друг учесник го донел
Размена на употребувани предмети, облека, книги, или пак ситни апарати е целта на настанот на Еко-свест -Еко трампа „На ти го, дај ми го“, кој ќе се одржи на 22 ноември во Собрание Бистро, со почеток од 12 часот. Организаторите велат дека се работи за уникатен настан посветен на одржливост, заедништво и креативна разменакој е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.
Секој учесник може да донесе до пет предмети, облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети и за секој донесен предмет ќе добие купон за размена, со кој ќе може да избере нешто што друг учесник го донел. Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални.
„Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие. Еко трампата е повеќе од обична размена – таа е можност да се запознаете со луѓе кои размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна, и да дадете свој мал придонес за позелена иднина“, велат организаторите.



