Бимилк го одбележа Светскиот ден на квалитет со традиционален отворен ден, на кој голем број граѓани, студенти и долгогодишни потрошувачи добија ретка можност одблизу да го следат целиот процес на производство на млекото и млечните производи. Посетителите се запознаа со најсовремените методи на обработка, строгите контроли на квалитет и со високите стандарди што компанијата ги применува во секоја фаза, почнувајќи од прием на суровиот материјал до финалниот производ. Настанот беше проследен со дегустации на производи, вклучувајќи и новитети од богатиот асортиман на компанијата.
Овој голем интерес на посетителите, кои љубопитно се интересираа за напредните процеси и стандарди што ги применува најголемиот млекопроизводител во државата, уште еднаш ја потврди довербата што компанијата ја ужива меѓу потрошувачите.
„Квалитетот и безбедноста на храната претставуваат темел на нашето работење. Како компанија која секојдневно произведува производи што се дел од семејните трпези, чувствуваме силна одговорност континуирано да ги унапредуваме сите процеси и стандарди во системот на контрола на квалитет. Затоа ни е особено важно потрошувачите да имаат можност лично да се запознаат со начинот на кој го обезбедуваме тој квалитет и да видат дека секој наш производ е резултат на строго дефинирани и ригорозно спроведени процедури,“ изјави Наташа Велева, супервизор на лабораторија од Бимилк.

Дополнително, оваа година Бимилк повторно се стекна со сертификатот „Фер со потрошувачот“, видно признание што го доделуваат Организацијата на потрошувачи на Македонија и Здружението на бизнис и консултанти Креација. Стекнувањето на овој сертификат ја потврдува исполнетоста на критериумите за фер однос кон потрошувачите, кои се однесуваат на заштита на безбедност и здравје, примена на фер пазарни практики, техничка поддршка и решавање поплаки, како и заштита на лични податоци. Признанието, меѓу останатото, го докажува постоењето на свесност и знаење на потрошувачите, како и совесна и одржлива потрошувачка.
„Сертификатот „Фер со потрошувачот“ кој повторно го добивме оваа година е значајна потврда за нашата заложба. Тој не е само признание, туку и доказ дека системските процеси што ги применуваме – од контролите на квалитет до грижата за потребите на потрошувачите – функционираат на ниво кое ги исполнува строгите критериуми и очекувања. За нас, ова признание претставува дополнителна обврска да продолжиме со постојано унапредување и со градење уште поблиска, одговорна и долгорочна врска со сите кои ни ја доверуваат својата исхрана,“ додаде Велева.

Сертификатот претставува дополнителна потврда за системски поставениот пристап на Бимилк кон квалитетот и безбедноста на храната. Во рамки на своето секојдневно работење, компанијата применува напредни, енергетски ефикасни и еколошки процеси, како и високи меѓународни стандарди ISO 9001, ISO 22000, ISO 14001 и ISO 45001, кои постојано се надградуваат за да обезбедат максимална безбедност и стабилен квалитет на производите — нешто во што се уверија и посетителите на отворениот ден во Бимилк.
Со организирањето на Отворениот ден и со стекнувањето на сертификатот „Фер со потрошувачот“, Бимилк уште еднаш ја потврди својата долгорочна ориентација кон потрошувачите, кон унапредување на производните практики и кон развивање на безбедна, одговорна и современа млечна индустрија во Македонија.




