Кинескиот производител на спортска облека Анта Спортс размислува за понуда за преземање на Пума, а акциите на германската компанија скокнаа за 14 проценти поради веста.
Според анонимни извори, Анта Спортс соработува со советник за да ја процени понудата за Пума и би можел да се здружи со приватен инвестициски фонд доколку одлучи да продолжи понатаму, објави Блумберг. Други кандидати би можеле да покажат интерес за Пума, како што се кинескиот Ли-Нинг, кој веќе е во преговори со банките за потенцијално финансирање на трансакцијата, и јапонскиот Асикс, додадоа изворите.
Анта Спортс, која ги поседува брендовите Фила и Џек Волфскин, забележа раст на цената на акциите за 10 проценти оваа година, а нејзината пазарна вредност се проценува на околу 31 милијарда долари. Спротивно на тоа, германскиот производител на спортска облека Пума има послаби резултати, а новиот извршен директор Андреас Хуберт, кој ја презеде функцијата во јули, се обидува да ја реструктуира компанијата за да се врати на раст на профитот.
Пума има за цел да се врати на раст до 2027 година и да се етаблира како еден од трите најголеми спортски брендови во светот, пренесува Танјуг.



