Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – AETM, во рамки на проектот „Поддршка на локалните бизниси со помош на е-трговија”, кој се реализира во партнерство со компанијата Visa, објавува Jавен повик насловен “Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси”. Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои сè уште не ги продаваат своите производи или услуги онлајн, а имаат потреба од отворање на е-продавница и од зголемување на знаењата и вештините поврзани со е-трговија. Преку Јавниот повик ќе се доделуваат вредносни пакети од 1.000 евра за отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на постоечка маркетплејс платформ и нејзина маркетинг промоција и ќе се обучуваат бизнисите за зајакнување на вештините поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг.
Идејата зад проектот е да им се помогне на компаниите да отворат дополнителен продажен канал – е-продавница со цел добивање на нови клиенти и зголемени продажби, како и да им помогне за унапредување на работата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини, кои ќе им помогнат подобро да се претстават во јавноста и да ги реализираат своите бизнис цели.
Проектот ќе трае до крајот на мај 2023 година, а ќе се состои од поврзување на бизнисите со домашните маркетплејс платформи и отворање на нивна е-продавница во рамки на една од платформите која бизнисите сами ќе ја изберат. Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат и на практичен едукативен семинар за е-трговија „Сѐ за е-трговија“, кој ќе се одвива со физичко присуство. Ќе бидат поддржани 15 компании за отворање и промовирањe на нивната е-продавница, а едукативниот семинар ќе можат да го посетат по најмногу двајца претставници од секоја компанија. По завршување на програмата сите учесници ќе добијат сертификати за учество.
“Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и со оваа иницијатива се вклучува во напорите за зајакнување на конкурентноста на микро, малите и средни компании и за мотивирање на бизнисите за унапредување на нивното работење, преку вклучување во е-трговијата, како нивен дополнителен продажен канал и зголемување на дигиталните вештини поврзани со е-трговија. Оваа иницијатива се реализира во соработка со компанијата Visa и преставува почетна точка на нашата нова заедничка соработка.“ – изјави Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска.
“Претприемништвото е најголемата сила на секоја економија, особено на тие во развој. Со цел да ги зајакнеме малите и средни бизниси и да ги направиме поконкурентни на пазарот, сакаме заедно со нашите партнери од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија да им помогнеме да иницираат онлајн продажба и да се вклучат во тековите на дигиталната економија, која има голем потенцијал за раст и развој на нивниот бизнис.” додаде Владимир Ѓорѓевиќ – генерален директор на Visa за Југоисточна Европа.
Аплицирањето на Јавниот повик, кое што е бесплатно, се одвива онлајн на веб страницата на АЕТМ и трае до петок, 15 март 2023, до 23:59 часот, по што ќе следи евалуацијата на апликациите од страна на комисија составена од експерти во областа. Поради ограничен број на учество, ќе се прави избор на учесниците кои ќе можат да ја следат програмата за отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на локален маркетплејс и зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг.
Повеќе информации за Jавниот повик се достапни на: https://ecommerce.mk/povik/