AirCare – Апликацијата успеа да влезе во ексклузивното семејство на светски познатиот акцелератор Techstars Берлин! Ова на својот Фејсбук профил го објави нејзиниот креатор Горјан Јовановски. “Ова се готви веќе некое време, и конечно можеме да ви кажеме дека сме избрани од 700 апликанти!
Огромен чекор напред и за AirCare, како и за мене и за мојот ко-основач Драган Гелевски! Следните 3 месеци ќе ги поминеме учејќи, повторувајќи, вртејќи и разменувајќи знаење со 11 други неверојатни компании од целиот свет. Ова е ново поглавје за тоа како AirCare ќе го трансформира светот“, напиша Јовановски.
Techstars Берлин акцелераторот е еден од најинклузивните, најразновидните и најбрзо растечките претприемачки екосистеми во рана фаза во светот во кој избираат најдобрите претприемачите кои сакаат да пристапат до капитал, талент и нови можности.
AirCare беше лансирана во 2014 година во Скопје, еден од најзагадените градови во Европа, од тогаш студентот Горјан Јовановски. Апликацијата, која ги прикажуваше податоците за загадувањето на воздухот од државните мерни станици на едноставен и разбирлив начин за сите граѓани, предизвика покревање на свеста за овој проблем, и протести низ целата земја откако граѓаните дознаа колку е лош квалитетот на воздухот што го дишат. Овој притисок влијаеше на државните институции да почнат со спроведување на поеколошки политики и мерки, а индустријата да започне со ставање филтри на нивните оџаци.
Со текот на годините, AirCare се прошири надвор од Македонија, најпрвин во Србија, па низ целиот Балкан, Европа, за денес да стане светски достапна. Зад AirCare стои тим од 5 активисти кои напорно работат за да ги направат лесно достапни податоците околу квалитетот на воздухот за секој во светот. AirCare е бесплатна за преземање на сите мобилни уреди и таблети преку Apple App Store или Google Play Store.