Денеска е објавен првиот јавен повик за Mерката „Инвестиции во модернизација на земјоделските стопанствa“ или популарно наречена мерка „Бизнис план“ од Програмата за рурален развој, која ја воведовме за прв пат како дел од најголемата земјоделска реформа.
Оваа мерка е потполно различна од сите други мерки кои досега сме ги реализирале. Креирана е за да ги поддржи вистинските земјоделци, а тоа се индивидуалните земјоделци и правни лица чија основна дејност е земјоделското производство. Ова е на нивно барање, онака како што ми посочуваа при теренските средби. Затоа викаме дека сме партнери и работиме секогаш во нивни интерес.
Јавниот повик кој го објавивме денеска е прв во низата повици за Бизнис план, кои континуирано ќе се реобјавуваат секој месец до крајот на годинава. Земјоделците ќе можат да аплицираат тогаш самите ќе бидат подготвени, без да чекаат и да го модeрнизираат производството со нова опрема, за која што самите ќе одлучат дека им е најпотребна.
Поддршката е во форма на кофинансирање во висина до 10.000 евра по корисник и истите можат да се искористат за набавка на земјоделска механизација, пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство на постоечки трактори, комбајни и приклучна механизација, машини за разбивање на мраз, инвестиции во објекти на фарми за обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, опрема за производство на тутун, како и набавка на хардвер и софтвер за примарно земјоделско производство.
Финансирањето ќе се врши врз основа на склучен Договор за одобрена инвестиција, а исплатата ќе се врши по целосна реализација на инвестицијата, по принцип на ко-финансирање во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.
Но, ставката на ко-финансирање во одредени случаи ќе биде и поголема од 50% и тоа: 55%, за инвестиции поднесени од млад земјоделец на возраст од 18-40 години, 60% за инвестиции во подрачје со ограничени можности; 65% за инвестиции за млад земјоделец во подрачје со ограничени можности и 75% за инвестиции во недостапни рурални заедници.
Ваквата градација овозможува поголема поддршка за младите земјоделци кои секогаш се во фокусот на нашите политики, како и поголем развој на руралните средини.
Градација има не само во процентот на кофинансирање туку и при бодувањето за избор, при што најмногу бодови, ќе добијат индивидуалните земјоделци или правни лица на кои земјоделството им е основна дејност. Исто така приоритет ќе имаат и младите земјоделци и жените земјоделки.
Ова јасно ја отсликува нашата цел да ги поддржиме вистинските, младите и жените земјоделки, оние кои навистина ќе инвестираат и на кои ќе им помогнеме со нова модерна опрема да го развиваат и зголемуваат производството. Новата опрема ќе придонесе да ја зголемат ефикасноста, да имаат помали трошоци и да постигнат подобар квалитет со што ќе ги зголемат резултатите од работењето и ќе достигнат повисоки стандарди.
Ги повикувам сите заинтересирани редовно да ги следат повиците кои ќе се реобјавуваат секој месец. Целта е да се овозможи побрза обработка на пристигнатите апликации, во рок од само 15 дена по завршувањето на секој повик. На пример, денешниов повик завршува на 10.јуни. Во рок од 15 дена, значи до 25 јуни, апликациите ќе бидат обработени и веднаш ќе се доделат договорите. Тоа беше клучна одлука за да бидеме брзи при реализацијата, да нема чекање со месеци, напротив да може земјоделците веднаш да ги реализираат инвестициите.
Сите потребни информации и документи се достапни на веб страните на Министерството и Платежната агенција, а дополнително сите подрачни единици на министерството и на АПРЗ се отворени за помош при аплицирањето, за која цел вчера беше одржана обука, за сѐ да тече беспрекорно.