- Реализирани се вкупно онлајн трансакции вредни 167.7 милиони евра и е остварен раст од 20.7% споредено со истиот период претходната година
- Со македонски картички кон македонски е-трговци се реализирале 116.5 милиони евра, со раст од 14.1%
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ ги анализираше најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба на Народната банка на Република Северна Македонија, за првото тромесечие од 2023 година, согласно кои продолжува растот на онлајн трансакциите со тренд на намалување на темпото.
Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во Р.С.Македонија во првите три месеци од 2023 година изнесува изнесува 10,3 милијарди денари или 167.7 милиони евра и има пораст од 20.7% во однос на истиот период 2022 година. Притоа вредноста на направените вкупни е-трансакции од правните лица растат со побавно темпо, односно има пораст од 20.2% во однос вредноста на направените е-трансакции од физичките лица чиј раст е 20.9% во однос на истиот период минатата година.
Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, со истиот тренд односно 13.1% во однос на истиот период 2022 година. При тоа кај правните лица за 7%, а кај физичките лица за 15%.
Поголемиот пораст на вредноста на направените онлајн трансакции од бројот на трансакциите укажува на понатамошен тренд на зголемување на просечната вредност по транскација.
Со домашни картички кон домашни е-трговци во првите 3 месеци од 2023 година остварени се 116.5 милиони евра и остварен е раст од 14.1% во споредба со истиот период минатата година. Истото е остварено во 3.3 милиони трансакции што преставува пораст од 9.3% во однос на бројот на остварени трансакции во истиот период минатата година.
Трендот на поголем раст на вредноста на направените трансакции кон странски е-трговци, како и од странски картички кон домашните е-трговци продолжува. Поголем пораст има кај купувањето во странство со домашни картички и во првите 3 месеци од 2023 година остварени се 44.6 милиони евра што преставува раст од 42% во споредба со истиот период минатата година. Оваа вредност во странство Македонците ја оствариле во 1.1 милион трансакции односно остварениот пораст во однос на истиот период минатата година изнесува 25.4%. Странците кон домашните трговци направиле онлајн трансакции во износ од 6.6 милиони евра, односно остварен е пораст во првите 3 месеци од 2023 година од 21.9% во однос на истиот период минатата година. Странците кон домашните трговци направиле 161.8 илјада е-трансакции, при што е остварен пораст на бројот на е-трансакции од 17.4% во однос на истиот период 2023 година.
Кон македонските е-трговци се слеале 123.1 милиони евра остварени од домашни и странски картички во разгледуваниот период што значи пораст од скоро 14.5% во однос на истиот период минатата година, а вредноста е реализирана во 3.5 милиони транскции. Поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции од бројот ни покажува дека со платежните картички се купува поголема вредност по трансакција.
Што се однесува до структурата, според резидентноста на е-трговецот и издавачот на платежните картички може да се забележи дека кон македонските е-трговци од македонски и странски иматели на платежни картички се слеала 73.4% од вкупно остварената вредност.
И во текот на првите 3 месеци од 2023 година се забележува пораст на новотворени интренет продажни места, па од почетокот на годината до крајот на март 2023 отворени се 54 нови интернет продажни места.
– “По реализираните високи порасти по 2020 година на вредноста на онлајн трансакциите, особено кон домашните е-трговци, позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму, а очекувано е да тој раст се движи со намалено темпо. Растот во вредноста на вкупните онлајн трансакции во првите 3 месеци од 2023 година изнесува 20.7% во споредба со истиот период минатата година. Очекувано е и дека со отворената можност за движење и патување остварен е поголем пораст на онлајн трансакциите кон странство, како и од странци кон домашните е-трговци. Но учеството на вредноста на направените е-трансакции остварена од Македонците и странците кон македонските е-трговци изнесува 73.4%, што значи дека побарувачката за македонски производи е на задоволително ниво. Остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во првиот квартал од оваа година како и зголемувањето на понудата до март оваа година со 54 нови интернет продажни места ни дава основа да кажеме дека домашната е-трговија забележува нагорен тренд како на страната на побарувачката така и на страната на понудата. Продолжуваме будно да го следиме прогресот и развојот на е-трговијата, како и да преземаме соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија.” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска.