Димитрија Ангелков е професор во СОУ „Киро Спанџов – Брко“ во Кавадарци и познат македонски иноватор. Јавноста веќе одамна го познава по неговите изуми како што се интерактивната училишна табла, паметната канта за рециклирање, паметниот респиратор, белиот асфалт направен од отпадна пластика, паметниот топломер… и многу други за кои низ годините добивал признанија и награди.
Многупати во своите иновации Ангелков се осврнува на решенија со кои би се подобрил квалитетот на животот на граѓаните и на животната средина во која живееме. Истиот мотив го води и во најновата иновација, на која работи заедно со своите ученици. Тоа е енергетскиот акумулатор, со која прават обид да акумулираат енергија од сонцето и да ја искористат во зимските месеци за затоплување на просториите за практична настава.
Проф. Димитрија, едно од вашите најнови иновации е енергетскиот акумулатор. Може ли да ни кажете на кој принцип работи?
Македонија има 1700 сончеви часови во текот на годината. За да станеме енергетска независна држава мора да се користат практични решенија преку искористување на сончевата енергија.
Јас како иноватор целиот живот го посветувам на изворите на бесплатна енергија. Пред точно десет години учествував во експерименти во кои еден грам на никел го врзувавме со 100 милиграми литиум алуминиум оксид поставен во керамика цинк оксид. Ако оваа смеса се загрее на 1200 степени започнува реакција која преку 12 дена зрачи енергија. Ова решение се прави во строго контролирани услови со гајгерови мерачи на радијација и се уште не сме во можност да го трансформираме за во домашни услови.
Тогаш се решив да најдам едноставен начин како нашето сонце, кое за среќа во Македонија го има во изобилство, да го користиме за извор на енергија во зимските денови. Се правеа повеќе проби со повеќе материјали и за почеток одбравме обичен песок кој што може да се најде во градежните плацеви.
Од кои материјали е изграден акумулаторот и како ќе ја зачувува енергијата? Експериментирате ли и со друг тип на материјали?
Работиме со повеќе типови на песок, а од истражувањата се покажа дека најситниот има најдобри карактеристики, посебно ако е добиен од кршени карпи во механички дробилки. Тој песок бавно прима енергија и бавно оддава, што го прави идеален за нашите потреби. Од друга страна, како материјал го има во изобилие, многу е евтин, лесен за транспорт и е проверен во пракса.
Акумулаторот функционира на тој начин што песокот директно се грее со греачи кои се поврзани на фотоволтаици во серија, каде напонот е 220 волти. За овој принцип на работа не требаат полначи, батерии или инвертори, туку директно целата електрична енергија во текот на целата година се трансформира во топлинска.
Исто така, во моментов експериментираме и со матаријали како алуминиум и пепел од јаглен.
Кои се вашите очекувања од оваа иновација, какви бенефити сакате да добиете?
Намерата ни е во зима, преку вентилатори и радијатори кои се поставени на долниот дел од бурињата кои се со термичка изолација, да се оддава топлината во просторијата. Овој систем веќе функционира во нашето училиште СОУ „Киро Спанџов – Брко“ во Кавадарци. Решението овоможува топлина за двете работилници по практични вежби. Загуби на енергија нема да има заради тоа што бурињата со песок се поставени во внатрешноста на работилницата. Системот е стабилен, не му треба често одржување, освен да се следи температурата, која не смее да биде над 600 степени целзиусови.
Треба да се напомене дека со примена на стирлингов мотор, кој работи на топлинска енергија, може енергијата да се трансформира повторно во електрична. Ова е едно од решенијата, кое исто така го подготвуваме и од септември ќе го развиваме заедно со учениците во школото.
На кои други проекти работите во моментов, кои се иновациите кои сакате да ги преставите во иднина?
Во иднина би сакал ова решение да може да се користи за ТЕЦ Неготино. Оваа идеја ја изложувам првпат. Повеќе пати сме носеле ученици во таа термоцентрала и во разговор со инжинерите ова решение пројави интерес кај нив. Работната температура на котелот на термо електраната е 600 степени целзиусови. Целата вишок електрична енергија која ја има од фотоволтаиците во Македонија може да се пренесува во резервоарите со песок и потоа да се оддава во котелот на термоелектраната. На ваков начин можеме да бидеме енергетски независна држава која ќе биде пример како се води сметка за животната средина затоа што нема да има согорување на фосилни горива во нашиот случај мазут, туку ќе се користи чиста енергија од сонцето.
Ние сме сончева држава и заслужуваме ова решение сите да го практикуваме затоа што е лесно за оджување, а целиот систем е исплатлив за помалку од една година. Може, на пример, да се користи за производство на храна каде резервоарите со песок ќе бидат вкопани во земја, а над нив ќе се садат градинарски растенија во пластеници. Така нема да треба да се користат фосилни горива за загревање, туку ќе се користи складираната енергија. Решенија има треба да се практикуваат. Иднината е сега.