Елена Ѓорѓиева го креираше SGIS Desktop, првиот македонски комерцијален ГИС софтвер во светот

- Advertisement -

SGIS Desktop е првиот македонски комерцијален ГИС софтвер во светот креиран од Елена Ѓорѓиева, дипломиран геодетски инженер и коосновач на новиот бренд и нејзиниот тим од компанијата SGIS Software. Алатката може да се користи во многу индустрии, како што се геодезијата, архитектурата, катастар, просторното планирање, градежништво, администрација, земјоделство, управување со кризи, телекомуникации….односно во секоја компанија која што има потреба да води своја база на податоци што содржи просторни податоци. Новата платформа им овозможува на корисниците да манипулираат со геопросторните податоци, да прават сложени модификации и да ги приспособат на нивните специфични потреби.

Интервјуто со Елена Ѓорѓиева е посветено на оваа тема.

- Advertisement -

Новинар – Верица Јорданова

Г-ѓа Ѓорѓиева, кажете ни нешто повеќе за вашата компанија.

- Advertisement -

Компанијата ни е основана во 2007 година, односно работиме веќе 15 години, најмногу во областа на геодезијата и инженерските работи. Меѓутоа, за сето ова време, произведуваме и custom софтвери и софтверски решенија кои се специјализирани за наши клиенти и за нас самите, на полето на автоматизацијата и полесното и побрзото решавање на задачите и предизвиците со кои се соочувавме како компанија.

Вашата компанија неодамна го лансираше првиот македонски комерцијален ГИС софтвер во светот. Објаснете за каков софтвер станува збор и која беше вашата мотивација за да го креирате?

- Advertisement -

На почетокот на месецот го пуштивме во употреба и за продажба првиот македонски комерцијален ГИС софтвер во светот. Се работи за софтвер кој што е специјализиран, односно изобилува со фокусирани функции. Зошто е ова важно? Ние како инженери постојано се соочуваме со најразлични предизвици и побарувања во техничка смисла, за кои досега тешко сме можеле да најдеме лесно достапно решение. SGIS Desktop софтверот е конструиран токму со оваа визија. Да овозможи пристап на секого до функции кои се клучни во работењето, а сето тоа да биде едноставно и брзо.

Кои се главните функционалности на оваа алатка и дали е наменета само за компании од областа на геодезијата?

Особено сме горди на постигнатиот ефект на едноставно извршување на сложени технички задачи, како и на брзината на функционирање на самиот софтвер. Софтверот е особено корисен за геодети, меѓутоа подеднакво е корисен за корисници од области како архитектурата, катастар, просторно планирање, градежништво, администрација, географија, управување со кризи, телекомуникации и инфраструктура, ФТТХ (ФТТБ) планери и дизајнери, сектори за агрикултура или научни истражувања. Со еден збор, секаде каде што е потребна анализа и работа со геопросторни податоци.

Може ли малку подетално да ни кажете на кој начин овие индустрии би имале бенефит од користење на SGIS?

Како што набројавме погоре, нашите клиенти се компании кои работат во областите на геодезијата и инженерството, катастарот, архитектура, обработка на податоци за лидар, телекомуникации, шумарство, патишта, управување со водни ресурси, градежништво…. Она на кое што би сакале да ставиме акцент е дека било која компанија што има потреба да води своја база на податоци која ќе содржи просторни податоци, односно сет од податоци кои треба да се просторно определени, може да го користи SGIS Desktop. За пребарување (селекција) добива ефективен и ефикасен избор за просторна селекција и атрибутна селекција.

На пример, во екологијата за евиденција на заштитени видови на флора и фауна, во земјоделието за лозје, вински региони, сорти, овоштарство и многу други.

Во светот на софтверите денес владее огромна конкуренција. Кои се клучните предности кои ги има вашиот софтвер во однос на останатата понуда на светскиот пазар?

Првата предност која што би сакале да ја издвоиме е самиот факт дека овој софтвер е креиран од нас, односно од геодетски и гис инженери. Ова е интересно бидејќи во текот на целосниот процес на осмислување на софтверот како продукт, ние ги имавме во предвид сите предизвици на кои што самите ние сме наишле во нашето работење.

Втората е дека се работи за софтвер кој што е ефикасен, компактен и мал, односно зазема многу малку простор. Тоа значи дека може да го користи секој, на било каков компјутер, без разлика дали корисникот се наоѓа во канцеларија или на терен.

И третата предност на нашиот софтвер, што особено ни беше важно е извршувањето на функциите да е едноставно, поточно едноставно креирање, селекција и модифицирање на геопросторни податоци и нивно одржување.

Кои се вашите таргет пазари со овој продукт?

Софтверот е прилагоден да подржува тип на податоци  и координатни системи кои што се користат во целиот свет, што значи немаме ограничување на определен пазар.

Добивте ли некаков тип на поддршка во развојот на оваа алатка?

Иницијативата и развојот на продуктот се целосно наши.

Кои се вашите идни планови?

SGIS Desktop софтверот е лансиран како верзија 1.0. Тоа значи дека работиме на додавање на нови функции кои ќе бидат вклучени во следните верзии на софтверот. Исто така активно работиме на развивање на Community каде објавуваме примери и решенија користејќи го токму нашиот софтвер. Мислам дека развивањето на заедница и обрнување внимание на искуствата и желбите на корисниците е особено важно. Светот постојано се менува, а технологијата и податоците уште побрзо, па така мораме да се трудиме да сме во тек со новитетите и можностите. Секогаш може повеќе и секогаш може подобро.

Сподели!
- Advertisement -