Следејќи ги енергетските и еколошките трендови, компанијата Zagrebački električni tramvaj (ZET) до средината на октомври ќе тестира батериско-електричен градски автобус на шест редовни автобуски линии.
Освен што е нископоден, електричниот автобус е опремен со климатизациски систем, видеонадзор, УСБ приклучоци во патничкиот простор, како и рампа за олеснет пристап за луѓето со инвалидитет.
Возилото, исто така, е опремено со систем за контрола на мртвите агли, камера за возење наназад, како и систем за приказ на ограничувањето на брзината. Има електромотор со моќност од 310 kW, а предвидена и е можност за брзо полнење со пантограф.
Освен еколошкиот аспект, предностите на овој автобус се и потивка работа, како и помали вибрации во внатрешноста, со што се придонесува и за поудобно патување, велат од ZET.
Исто така, помали се и трошоците за одржување зашто таквите автобуси не бараат сервисирање како автобусите на фосилни горива.
Загрепчани последните две недели имаа прилика да се возат со 13-метарскиот електричен автобус, кој има 37 места за седење и 29 места за стоење. Оваа недела автобусот ќе вози и по други редовни линии, а тест-возењето завршува на 13 октомври.
(Zimo)
(фото: Flickr)