На 18.10.2023, од 11 до 12 часот во Американското Катче Битола, здружението на граѓани ЦЕФЕ Македонија го објави почетокот на нов проект “Финансиска Писменост за Млади Претприемачи”.
Целта на проектот е давање на основни финансиски вештини и знаења за водење и организирање на мал бизнис. Ќе бидат опфатени 20 едукатори и преку 100 млади лица во Македонија. Како иновативен производ е воведување и организација на натпревар за финансиска писменост на државно ниво за младите од средните училишта и факултетите.
Младите учесници во проектот ќе добијат знаење и вештини потребни за ефикасно водење и планирање на финансиите на мал бизнис.
Оваа иницијатива е одговор на зголемената потреба за ефикасно финансиско планирање и менаџирање на ресурси поради зголемената инфлација, несигурност во цените и геополитички нестабилности во денешниот брзо менлив свет.
Проектот ќе нуди интеркативни обуки за финансиска писменост на едукаторите базирани на искуствено учење преку игра, симулации и решавање на бизнис проблеми. Овие програми се дизајнирани во Германија и Шведска и веќе гарантирано даваат резлтати од почетокот на 90титте години на 20 век.
Преку нашите вклучени партнери: СОУ „Љупчо Сантов“ Кочани, Младинска секција на ОЕМУЦ „ Св. Наум Охридски“ Охрид, Универзитет за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ Охрид, Правен факултет при УКЛО – Битола, Економски факултет УГД – Штип, Факултет за земјоделски науки и храна при УКИМ – Скопје и Здружение на Агро Економисти на Р.С. Македонија, овој проект ќе обезбеди и одржливост и можност да прерасне во традиционален натпревар за финансиска писменост.
Ги покануваме сите заинтересирани лица и организации да се приклучат на овој важен проект. Преку учество во проектот “Финансиска Писменост за Млади Претприемачи,” можете да направите реална разлика во животите на младите луѓе во Македонија и да придонесете кон подобра и понезависна финансиска иднина за нив.
За повеќе информации за нашиот проект и како да се вклучите, ве молиме контактирајте не info@cefe.mk
Проектот ќе се спроведува од октомври 2023 до април 2024 година на целата територија на Македонија. Вкупната вредност на проектот изнесува 30.000 долари, од кои Американската Амбасада во Скопје финансиски го поддржува со 24.000 долари.
ЦЕФЕ Македонија е посветена организација која има за цел да промовира претприемачки дух и компетенции за економските актери на Македонија. Нашата мисија е да обезбедиме алатки базирани на ЦЕФЕ Методологијата и ресурси за индивидуалците да постигнат финансиска независност и успех. До сега сме обучиле повеќе од 10.000 лица во државата на преку 800 организирани настани. Главните добивки од нашето работење се: зголемени приходи кај 80% од клиентите, проширување на бизнисот со вработување на нови лица или технологии, подобрување на ефективноста на работно место.