Томас е уметничка душа. Човек чиј што професионален и животен пат е тесно испреплетен со креативност. Во неговата професионална биографија се вбројуваат креативни изрази како моден стилист, графички дизајнер, музичар и аматерски сликар.
Интересна е неговата приказна како стартуваше ателјето „Арт терапија“, но и како тој гледа на уметноста во денешниот свет на брзи и инстантни решенија. Томислав Димитровски (Томас) вели дека самиот е производ на арт терапијата па затоа решил она што нему му помогнало да ги надмине тешките периоди од својот живот, да го понуди на другите луѓе.
„Терминот „терапија“ асоцира на некоја болест која треба да се лекува. Не случајно е избран овој термин затоа што секоја терапија бара време. Исто е и со уметноста. Потребно е време да се разбере и да се консумира уметноста. Мојата работа со сите заинтересирани е тие да станат што покреативни личности, а не врвни уметници. Креативноста е бел лист кој овозможува од една точка да се ширите кон нешто за кое не сте ни биле свесни дека може да го создадете“ вели Томас за Иновативност.
„Арт терапија“ е ателје за поттикнување на креативност и вештини за цртање кај сите оние кои имаат талент и желба, но никогаш не работеле на развивање на тој потенцијал. Преку совладување на сликарски вештини и креирање уметничко дело учесниците не само што ги остваруваат своите соништа, туку наоѓаат смиреност и спокој кои тешко се наоѓаат во динамичното секојдневие.
Новинар – Верица Јорданова
Томас, како се роди „Арт терапија“? Од каде дојде идејата за еден ваков концепт?
Причината и корените на Арт Терапија се многу лични. Имав тежок период во животот кој дојде од последиците кои ги имав од прележан ковид. Вирусот остави големи последици врз моето здравје, но и врз меморијата и концентрацијата. Тој проблем го надминав со помош на уметноста. Цртањето со молив на бела хартија беше мојата главна терапија но и лек во тој тежок период. Потоа не можев да престанам со цртање, за кое може слободно да кажам дека е лек за секоја душа.
Ваков концепт успешно функционира во Штип под водство на сликарот Борче Минов, и затоа нескромно велам дека самиот сум производ на арт терапија.
Надминувајќи ги своите предизвици и животни битки добив идеја моето искуство, но и уметничко знаење и искуство да ги пренесам на сите заинтересирани. Да бидеме искрени, животот денес е многу брз и динамичен. Социјалните мрежи ни одземаат многу време и енергија и затоа арт терапијата, односно уметничките часови кои јас ги нудам, се можност да се одвлече фокусот на луѓето кон убавина и трајни вредности.
Што конкретно нуди „Арт терапија“?
На нашите часови најпрвин се учи за перцепцијата, затоа што таа е клучна во цртањето. Потоа учиме за боите, по што пристапуваме кон цртање на конкретни слики кои остануваат кај самиот учесник во програмата.
Овие часови се одржуваат еднаш неделно во времетраење од 120 минути, а целта е во текот на еден месец учесниците да изработат свое дело. Притоа, сакам да потенцирам дека учесниците не треба да носат свој материјал. Сè што е потребно добиваат овде. Учесниците се поделени во групи, но не поголеми од пет лица. На тој начин се добива персонализиран пристап, можност да се запознаат луѓе со слични афинитети, но и можност на убав и креативен начин да се исклучат накратко од реалноста и да навлезат во светот на уметноста.
Каков е интересот за она што го нудите?
Јас сум задоволен со оглед на тоа дека сè уште сме на почеток. Поголем интерес има од женската популација која веројатно повеќе е склона кон уметност и кон исполнување на слободното време со вакви активности. Она што мене ме изненади е големиот интересот за купување на уметнички дела. Има клиенти кои бараат нивните замисли некој да ги реализира, а јас се трудам да одговорам на тие барања.
Како перспективно го гледате развојот на „Арт терапија“?
Посакувам да работам со деца на возраст над 12 години затоа што сметам дека до таа возраст децата треба да растат на улица. Уметничката едукација е важна за нивниот развој и затоа би сакал да работам со нив. Но, отворени сме за сите ученици, студенти, пензионери и сите професионалци од која било област кои сакаат да најдат мир со помош на уметноста.
Целта ми е групите да бидат составено од личности од сличен профил и возраст затоа што ваквите часови се повеќе од учење и шанса за дружење.
Зошто уметност е лек?
Уметноста, без разлика дали зборуваме за сликарство, вајарство, мода, музика или глума, е празен лист. Од тој празен лист сите имаме можност да создадеме вредно дело со помош на креативноста и талентот. Тоа е одличен тренинг за мозокот затоа што за да се создаде кое било дело е потребен силен фокус во кој се губи времето како димензија. Затоа сметам дека уметноста е лек. Силниот фокус на делото го дефокусира човекот од проблемите и секојдневието и во тоа всушност лежи терапевтскиот ефект на уметноста врз човекот.
Каков е интересот во Македонија за уметнички дела?
Како аматерски сликар јас слободно може да кажам дека интересот за уметнички дела е на едно завидно ниво. Мојот омилен сликар е Леонардо да Винчи и во тој стил моите дела се кодирани и кријат силни пораки зад себе. Моите дела имаат реалистична линија споена со експресионизам. Многу често излегувам од аглите на сликата, не сум константен во формата и тоа и се допаѓа на публиката. Уметноста е безвременска и затоа во светски рамки отсекогаш важело и сè уште важи правилото дека парите инвестирани во уметност секогаш се враќаат неколкукратно.
Aтељето “Арт Терапија“ е лоцирано на раскрсницата кај Стара Рампа.
Контакт-телефон 072 320 125