Развојот на зелени бизниси го ограничуваат иселувањето на младите, финансиска неписменост и отсуството на тимски дух!

- Advertisement -

За потенцијалот, пречките и проблемите во поинтензивен расвој на зелено и социјално претприемништво во Македонија разговаравме отворено, без ракавици и скриени пораки со Ирина Јаневска, претседателка на АРНО, здружение за социјални иновации

Новинар – Верица Јорданова

Неодамна АРНО затвори еден и отвори нов повик зa поддршка на зелени циркуларни бизниси. Кажете ни нешто повеќе за повикот и интересот за стартување вакви бизниси

- Advertisement -

Пред неколку дена АРНО го затвори повикот од 10-тиот натпревар за Зелени идеи, но во позадина работевме на лансирање на нов повик кој дава поддршка за тестирање на иновативни пристапи и пилот решенија, во областа на зелена и циркуларна економија. Ние 10 години инвестираме во македонската приказна на зелена социјална економија, и еве сме во ново поглавје каде преку тековен ИПА проект даваме поддршка за една малку потесна област. Проектот се вика „EICEE – Екосистем за екоиновации и циркуларна економија во Западен Балкан и е поддржан од Европската Унија преку повикот на ЕУ за граѓанско општество и програмата за медиуми на Западен Балкан и Турција за 2021-2023 година (ИПА III). Овој проект има за цел да ги зајакне капацитетите и ангажманот на граѓанските организации во развојот на политики кои водат кон зелена и дигитална транзиција во регионот на Западен Балкан. Како на сантата мраз кога е видлив само врвот, еве да појасниме дека за оваа активност во проектот се планирани 210.000 евра, со грантови кои се движат од 17.500 до 30.000 евра. Тоа е конкретната парична инвестиција во сите оние кои сметаат дека можат да осмислат предлог-идеја со која ќе придонесат во развој на овие области. Она што не е толку видливо за целата јавност, е дека во поголемата слика проектот има големи амбиции, пред се да ја истражи состојбата во секоја од партнерските земја на теми како овозможувачка околина-дали ја има (дали може да се водат циркуларни бизниси, кои се правните предизвици), кои се патоказите од Европската Унија кои треба да ги следиме (дигитален пасош на производите), колку социјалното претприемништво може да е носител и лидер во одржливата економија, новите бизнис модели. Дополнително, АРНО има интересна компонента различна од останатите партнери, и треба да стане Регионален Центар/Зелен хаб кој ќе донесе многу интересни содржини.

Но, сега, до 27-ми мај, во фокус е грантовата поддршка за која организираме и Инфо-сесија на која можат да се пријават до 12-ти мај сите кои имаат прашања за самиот повик. Се надеваме дека, еве, и преку соработка со трезвени медиуми и овие иновативни теми ќе побудат интерес.

- Advertisement -

Констатирате дека со тек на време интересот за натпреварот за „Зелени идеи“ опаѓа. Може ли да ни објасните како го толкувате ова и зошто се случува ова?

Не знаеме со сигурност, но имаме неколку претпоставки за овој феномен. Прво да кажеме дека ние и со очекувањата сме амбициозни. Се навикнавме да имаме добар одзив (по 40 -тина апликации секоја година) и сме горди што досега, во 10 години менаџирање на натпреварот, имаме околу 300 апликанти. Многу сме горди и на 10-те македонски регионални победници, и вкупната инвестиција од 95 000 долари во наши македонски идеи преку победи на регионално ниво.

Она што вреди да се сподели е дека АРНО не гледа на апликациите како на индикатор кој треба да се прикаже пред донатор, како обична бројка и доказ за успех. Ние ги гледаме апликациите прво содржински, дали она што е пишано има тежина и дали има потенцијал. Интересен феномен е што низ годините се намалува поетско-прозниот пристап и апликантите нудат поиздржани бизнис модели. Од ова набљудување ние заклучуваме дека расте финансиската писменост и граѓаните можат да проценат дали има пазар за зелен бизнис, колкава продажба на производ или услуга треба да се задоволи за да биде оперативно претпријатието, колку трошоците/зеленото буџетирање може да е конкурентно, која е локалната културолошката димензија и свесноста на пазарот (колку клиентот ќе избере еко-производ кој чини (малку) повеќе). И оттука си велиме, во ред, можеби има помалку апликации поради поголемата свесност за предизвикот на зелената транзиција, светските кризи, инфлација, нестабилни пазари.  Исто така, немаме статистика, но од секојдневното работење гледаме дека старосната граница на натпреварот се зголемува. И навистина го чувствуваме одливот на мозоци, особено на младото население, ете не само во пазарот на труд кој алармира за оваа состојба, ние го гледаме кај младите, оние што се останати тука се сè помалку, и се помалку мотивирани за претприемништво.
Затоа, преку тековниот ЕИЦЕЕ проект пробуваме да допреме до сите граѓани, да се намали еколошката анксиозност, да се влее верба дека некои работи и кај нас неминовно ќе дојдат по патоказите од ЕУ, и дека сега има моментум за развој на зелена социјална економија, кој мора да се искористи. Навистина не е време за летаргија, теории на заговор, теоретизирање, туку потребно е насочување кон креативност, иновација, и делување, на локално ниво. Ние самите знаеме каде најмногу нè боли, и треба самите да најдеме решение за проблемите. Барем да се обидуваме.

- Advertisement -

Но, според НБРМ во Македонија расте интересот за инвестирање во бизнис проекти. Минатата година во однос на 2022 се бележи пораст од 29,1% на „зелените кредити“, а во споредба со крајот на 2019 година, кога почнале да се прибираат податоците, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати. Најмногу заеми барале фирмите. Како го коментирате овој тренд?

Ние овој тренд повеќе го гледаме низ призмата на она што ние го работиме, мобилизација на граѓаните, социјалните претпријатија, малите бизниси, во развивање на идеи кои имаат бизнис потенцијал, а не само активистички и филантропски порив кон животната средина. Нам ни е драго што трендот расте, затоа што тоа само потврдува дека свесноста за зелената транзиција расте и дека целиот наратив се врти и кон економската логика.   

„Зелено финансирање“, „одговорно инвестирање“ и „одржливо инвестирање“ се чадор термини кои се многу широки. Зеленото кредитирање е финансиски продукт специјално дизајниран за финансирање проекти кои имаат позитивно влијание врз животната средина. За малку контекст да кажеме дека зеленото финансирање доби моментум во последниве години, при што главен катализатор беше Парискиот договор. Во 2015-та година, Парискиот договор беше потпишан од 195 земји кои се обврзаа да го задржат глобалното затоплување под 2°C и да продолжат со напори зголемувањето на температурата да се ограничи до 1,5°C. Овој договор, заедно со Целите за одржлив развој, постави една светска агенда која многу јасно и гласно почна да зборува за климатските промени, а со тоа и за  одржливо финансирање. Македонија ги следи светски трендови, и тоа ете е видливо и преку статистиката на НБРМ. Ние можеме да ги критикуваме процесите дека се бавни, нереални, но мора да признаеме дека светот денес зборува и за табуата на капитализмот, за скапата цена на рециклирањето, за  регенеративна економија, за еколошкиот плафон во теоријата на економски модел на крофна, за солидарна економија…

Инвестирањето 1 евро во зелени бизниси може да донесе поголеми придобивки, на страна од чист профит. Додека традиционалното инвестирање нуди краткорочни придобивки, зелените инвестиции придонесуваат кон одржлива иднина преку ублажување на климатските промени, намалување на загадувањето и поттикнување на општествена благосостојба. Тоа е поентата што АРНО сака да ја каже. И убаво што, ете, фирмите би земале кредит за да користат чиста, сончева енергија. Не знаеме колку банките ја промовираат оваа димензија или се држат до пораката за поврат на инвестиција (затоа што и таа е точна). Ние се држиме до наши инвестиции во бизниси кои со ниту еден елемент од своето работење не би правеле штета на животната средина. Кога имаме победници/грантисти ние велиме носењето на лого од наши проекти, е навистина знак дека правите добро, и за луѓето, и за природата. За разлика од банките, ние не можеме да инвестираме во компанија која ќе постави соларни панели, но ќе генерира отпад или нема фер да ги третира вработените. Многу претпазливо треба да влегуваме во дискусиите за зелени финансии, но за поздрав е што има големи дебати кои се водат меѓусекторски. Проблемот на климатските промени и економијата, инклузијата, иновациите и образованието е секако интердисциплинарен.

4Преку натпреварот „Зелени идеи“ кој АРНО го одржува 10 години по ред, се поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи на Западен Балкан. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари. Македонија досега имала 10 победници. Колку од овие бизнис идеи се преточени во реални и одржливи бизниси? Од овој, и од другите проекти и програми на АРНО, можете да заклучите кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите претприемачи?

Она што морам искрено да го кажам е дека, како и во стартап светот, очекувањата се дека само 10%  од идеите ќе  успеат. Ако на тоа дадеме дека за разлика од тој свет на мејнстрим стартапи, ние бараме да има зелена димензија (вкалкулирајте тука поголеми трошоци еко-набавки, еко-амбалажа, достава, итн), бараме инклузија (работна интеграција на луѓе со помалку можности, вклученост на заедница) ,искрено сме среќни да видиме кога и една од десет идеи ќе опстои. И ги имаме тие идеи, наши луѓе кои служат како светол пример и ги користиме и во промоција и во мотивација, особено кога ќе ни кажат скептичните коментатори „Нема шанси тоа во Македонија“. Еден од омилените примери ни е Кристиан Шопов, еко-магионичар кој преку забава едуцира дечиња (и нивни родители). Спонзори се повеќе го бараат затоа што се свесни и што значи неговиот настап за нивниот бренд. Кристиан победи на регионалниот натпревар во 2017-та и од тогаш навистина го раскажуваме како пример со кој само ја шириме дефиницијата на зелен социјален бизнис. Друг пример, посвеж, е минатогодишната победничка Мирјана Јосифоска, млада тетовчанка со вештини за шиење наследени од нејзината баба. Мирјана има свој бренд со кој ги произведува првите дизајнерски шапки во Македонија добиени од текстилни остатоци. И не само тоа, таа произведува и стегачи за коса добиени од остаток што најлесно би завршил на депонија. Еколошката димензија е јасна, она што тука не е толку видливо е дека таа дава и пристојно вработување на текстилни работнички од Полошкиот крај.

Кристиан Шопов

За неуспешни приказни нема да зборувам, тоа се сепак наши храбри сограѓани со убава мисија кои пробале да успеат, што е за вистински претприемнички поздрав. Еве еден пример од Европа, кој токму сега ја добива својата тажна разрешница поради низа предизвици кои ќе ги набројам. Станува збор за кооперативата Railcoop = која ја основаат здружени граѓани од Франција. Тие прават железничка компанија која има за цел да обезбеди одржлив железнички транспорт фокусиран на потребите на граѓаните.  Railcoop e основана во 2019 година со цел да оперира со патнички и товарни услуги на недоволно искористени железнички линии, особено во руралните области, каде што традиционалните железнички оператори ги намалиле или прекинале услугите. Оваа коператива успева да собере 300 000 евра преку своето членство-замислите колку свесност и која обединетост е тоа! Кооперативата продаваше и ваучери за карти за возот кој требаше да почне со работа ова лето. Дополнително, покренаа и приватни фондови, инвестиции од локалните институции. И на страна од целата ангажираност, еве една тажна приказна, задругата е пред ликвидација токму поради низата предизвици од тој претприемнички свет. Предизвиците се чести и не се само локални. И пандемијата ги искомплицира пазарните логики, сите претприемачи имаат проблем на времено, брзо снабдување со финансии (што поголема идеја, толку побргу и поитно се потребни целосните финансии), проблеми во донесување одлуки/ менаџмент (во случајот на RailCoоp еден од спомнатите предизвици е комуникацијата со големото членство, носењето одлуки), и соработката со институции, која особено во светот на социјалното претприемништво  е некаков предзнак за (не)успех.

За македонски контекст, не само од „Зелени идеи“ и од тековниот проект EICEE, туку и од проектот RISE кој го водиме 6-та година како инкубатор за млади социјални претприемачи, заклучуваме дека како предизвик се јавува општата финансиска (не)писменост. Ние имаме млади кои излегуваат не само од средно-гимназиско образование, туку од Економски факултет, со многу слаби познавања за претприемништво. И ова е светска дебата, дека моменталното образование не одговара со побарувачката на знаење и кадри. Она што кај нас ние, исто така, културолошки го набљудуваме е и прашањето на водење на фирма, менаџмент, тимска работа, проценка на јаки/слаби страни, соработка, доверба и заедничка визија. Многу често ни се случува во програмите за градење на капацитети да имаме силни индивидуалци, а слаби тимови. Ова многу се трудиме да го промениме, да градиме култура на соработка затоа што во ниту еден бизнис потфат човек не е сам. Погубно е да градиме его, а не еко-систем. На секое ниво. Тука ќе споменеме едно решение и shortcut, менторство. Преблагодарни сме на сите ментори кои работат со тимовите и ова е уште еден доказ на соработка. Навистина, ни се потврди аксиомата со која ја водевме кампањата за пријава за ментори- “It takes a village to raise a child”.

Каков е интересот и на официјалните институции да соработуваат со вас како веќе етаблирана организација и да ве поддржат во вашите напори за поттикнување зелено и социјално претприемништво?

Погоре малку кажав за еко-системот. Ние сите мораме да разбереме дека мора да соработуваме, да учиме едни од други, да увезуваме добри пракси, и вертикално и хоризонтално да комуницираме. АРНО е етаблирано, затоа што во 10-те години на нашето постоење ние делуваме во стратешките области за кои постоиме, не се вртиме како сончогледи кон трендови во донаторските повици. Денес работиме социјално претприемништво, утре набљудуваме избори, задутре детски права, мигрантски политики. Нема да судиме остро, знаеме дека живееме во земја со многу ограничени ресурси. И да, свесни сме дека тоа што работиме само во дадени области е и привилегија. Преблагодарни сме што имаме донатори што нѐ поддржуваат од самиот почеток. Но сето ова е и многу, многу работа, на тим, на луѓе кои сакаат да донесат работи во земјата, да создадат (наспроти они луѓе кои гледаат како да „измолзат“ од здруженијата). Е сега институциите имаме чувство дека се порезервирани во делот на соработка, но исто така чувствено, сметаме дека има некакви искри на приближување. Со средните училишта сме во близок контакт, 10 години соработуваме со СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и СУГС „Лазар Танев“ од Скопје. ФИТР исто така од годинава се враќа во жири на нашиот натпревар „Зелени идеи“. Имаме покани од Универзитети, држиме обуки за нивните студенти, и има доста интерес. По изборите процеси поинтензивно ќе чукнеме на вратите на општините. АРНО има амбиција во Скопје да го отвори првиот Центар за поправки (за шиење на облека, поправка на чадор, стар накит, 3Д принтање на делче од скршен елемент и сл). И логиката на нештата вели дека одлично е што имаме обезбедено поддршка од европски грант за некоја симболична месечна кирија за таков простор, но долгорочноста и вистинскиот импакт е општините (можеби и некој од приватниот сектор) да ни отворат врата за овој центар да продолжи да постои и од кога ќе завршат 16-те месеци од грантот. АРНО многу практично размислува и за зеленото социјално претприемништво, и за соработките. Навистина гледаме примери кои функционираат во светот и сакаме да ги има и кај нас. Гледаме во се што работиме да го оправдаме нашиот слоган „Ние сме АРНО и правиме добро“. Но, во правењето добро не можеме да сме сами. Ни требаат сите, и институциите, и компаниите, и другите колеги од здруженијата, донаторите, медиумите и граѓаните. 

Сподели!
- Advertisement -