На пазарот за авиокомпании сега има нова компанија – BARK Air, која ги става кучињата на прво место и тие патуваат со своите сопственици во авиони со врвна услуга.
Во првата фаза од работењето BARK Air ќе лета на линиите меѓу Њујорк, Лос Анџелес и Лондон, што засега е единствената интерконтинентална дестинација. Извршниот директор на новата авиокомпанија, Мет Микер, вели дека дошол на идеја по лошото лично искуство со транспортот на неговото куче Хуго.
„Не можев да патувам долги релации со него и добив идеја дека треба да има авиокомпанија која се грижи за кучињата исто како и за нивните сопственици“ вели Микер, кој исто така ја основа BarkBox, претплатничка услуга за производи за кучиња, во сопственост на Bark Inc.
„Ние ги обезбедуваме сите услуги за кучето со цел да ја намалиме нивната анксиозност и стресот и да го имаат најудобното и најбестрашното искуство во авионот“ додава тој.
BARK Air нуди спа центар за кучиња клиенти и посебно мени. Компанијата има намера да продаде 10 билети за лет за да има место за 10 кучиња и нивните сопственици, иако луксузниот авион може да прими до 15 луѓе. BARK Air ќе прифаќа кучиња од сите раси и големини во авионите.
Цената на билет во еден правец за куче и едно лице на релациите во САД е 6.000 долари, додека меѓународен лет чини 8.000 долари. Микер вели дека цените може да се намалат во иднина.
„На почетокот ќе работиме со загуба. Идејата е со тек на време да ги намалиме цените за нашите корисници и да ги намалиме деловните трошоци. Тоа ќе се случи со зголемување на бројот на летови и воведување на повеќе дестинации“, објаснува Микер.
BARK Air размислува да воведе летови до Париз, Милано, Чикаго и Сиетл, како и сезонски дестинации во Флорида и Аризона.
(Bizlife)
(фото: Flickr)