Можност да се започне бизнис во Македонија со 1 евро! Мит или факт?

- Advertisement -

Со Маријана Андриќ, сопственик на консултантската компанија „Маранд Консултанти“, даночен експерт и добар познавач на македонската претприемничка сцена разговаравме за законската можност за основање фирма во земјава, за состојбата со претпримништвото и приоритетните реформи кои треба да се направат.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Иновативност: Mалите и средни претпријатија се движечка сила во секоја економија. Декларативно и во Македонија се зборува за нивната важност, но во пракса претпримачите се соочуваат со многу предизвици. Кои се најголемите проблеми на МСП секторот во земјава?   

Ќе започнам со општо прифатениот став дека малите и средни претпријатија се движечка сила на економијата глобално. Токму тие се генератор на работни места низ различни сегменти на општеството, фасилитатор за движење на капиталот, служат како терен за развој на претприемачки дух, придонесуваат за диверзификацијата на економиите и плодна почва за иновациите.

- Advertisement -

Оттука би било логично и секоја национална стратегија за раст на економијата да се базира на стимулирање на претприемништвото и создавање услови за лесно и брзо отворање на мали бизниси, стартапи кои несомнено еден ден можат да прераснат во големи корпорации.

За поздравување е фактот што во 2021 година во нашиот Закон за трговски друштва („Сл. Весник” бр. 251/2021 од 16.09.2021) се постигна револуционарен напредок во оваа насока, овозможувајќи основање на трговско друштво со минимална основна главнина од 1 евро нарекувајќи го „Поедноставено друштво со ограничена одговорност“.  Со тоа се исклучува првичната бариера кај младите претприемачи дека за да започнат бизнис мора да обезбедат 5.000 евра основачки влог независно од тоа што можеби за реализација на нивната бизнис идеја не се потребни капитални вложувања. Таков пример се услужните дејности од одделите: информации и комуникации и стручни, научни и тејнички дејности.

- Advertisement -

Иновативност: А како е во пракса? Колку вакви друштва се регистрираа?

Овој пат потфрлија бизнис консултантите, адвокатите, регистрационите агенти, проценителите, сметководителите кои требаше да ја промовираат оваа новина и предност кај потенцијалните претприемачи кои за прв пат започнуваат бизнис. Не може да се очекува тие самите да ги следат новините па да знаат да ја побараат токму оваа форма при основање, која во значителна мера го олеснува и убрзува процесот на одлучување за деловен потфат.

Статистичките податоци покажуваат дека од моментот на стапување на сила на измените до денес се основани само 51 Поедноставено ДОО додека годишно се регистрираат просечно околу 8.000 друштва со ограничена одговорност на едно или повеќе лица. Околу 5.000 друштва се основани од едно лице а тоа може да значи дека овие лица се охрабриле на чекорот на самовработување.

Извор https://www.crm.com.mk/mk/otvoreni-podatotsi/statistichki-bilten

Превземајќи ја обврската самостојно да обезбедуваат приходи за подмирување на обврските за плати и придонеси пред се за себе а понатаму и за дополнително вработени лица, влегуваат во бизнис светот учејќи ја логиката за функционирање како единка во стопанството и останатите чинители на екосистемот.

Иновативност: Што губи стартап, бизнис заедницата со неискористување на поволностите од оваа законска можност?

Недоволното фаворизирање на овој организационен облик за основање бизнис останува во сенка зад трендот на фриленсерство кој станува се поинтересен и поприфатлив за младите ангажирани од “неформални” работодавачи од странство. Навидум претставува модел со најниски трошоци за функционирање, но со малку пошироко анализирање на потенцијалот кај оваа целна група може да се дојде до поинаков заклучок. Имено, ако е потребно само едно евро за основање на друштво (ПДОО) и ако годишниот приход не надмине 2.000.000 денари, не постои задолжителна обврска за влез во системот за ДДВ и во овој случај ангажманот на сметководител би се свел на поднесување завршна сметка со еднократен годишен надоместок.

Да се вратиме на потенцијалот. Започнувањето сопствен бизнис значи посериозен пристап при располагање со остварените приходи, разграничување на исплата на примањата во облик на месечна плата за тековни трошоци и дивиденда наменета за инвестирање или периодични поголеми издатоци. Можноста за развој преку проширување на капацитетите т.е. отварање нови работи места е неограничена. Способноста за менторирање, пренесување знаење и градење тим води кон зголемен потенцијал за раст на приходи и зголемен профит како крајна цел на претприемачот. Со правилна поддршка и соодветна едукација секој млад човек би можел да се впушти во претприемничка авантура вложувајќи само 1 евро!

Потребна е јасна и поттикнувачка регулаторна средина која ќе промовира претприемачка клима, наспроти фриленсерска која на долг рок не може да биде двигател за раст и развој.

Иновативност: Како човек кој диретно е вклучен во бизнис процесите во земјава, како ја оценувате моменталната состојба на домашната претприемничка, иновациска и стартап сцена? Какви трендови се забележуваат?

Би рекла дека инфраструктурата е поставена почнувајќи од самата постапка за регистрирање на бизнис комплетно електронски, лесно достапна, а времетраењето се брои во часови. Исклучување на обврската од располагање со почетен капитал т.е. можноста секој млад човек да се впушти во претприемничка авантура вложувајќи само 1 еур значи уште една бариера помалку. Поедноставениот даночен режим за трговски друштва предвиден во Законот за данок од добивка веке неколку години претставува можност малите и микро трговци кои не надминуваат годишен промет од 3.000.000 денари немаат никаква обврска за корпоративен данок  т.е. данок на вкупен приход. Сепак гореспоменатите статистики покажуваат дека информираноста кај потенцијалните претприемачи не е на посакуваното ниво. Често посочувана причина за одвраќање од реализација на иновативни проекти е недостиг на финансии, но јас би се осврнала и на фактот дека отсуството на потреба на пазарот од конкретната иновација (производ или услуга) е можеби и поголема причина за неуспех на конкретен потфат. Менторството како процес на градење на идни претпиемачи низ призмата на соочување со секојдневни предизвици во бизнисот може да биде најдобар инструмент за подготовка на идните бизнис лидери.

Состојбата на терен е поразителна поради фактот што овие бенефити не само што не се доволно промовирани туку се пристапува со отпор поради недоволна информираност. Ние сме регистрациониот агент за 6 од основаните 51 ПДОО. Основачите се наши соработници, пријатели, клиенти со спин оф стратегија, вистински ентузијасти, иноватори кои ја прифатија препоракатав како вистинска привилегија и ниту еден од нив не дојде со предзнаење дека воопшто постои ваква можност. Доаѓаа и коментари за преиспитување на исправноста и ризиците кај оваа форма главно поради недоволна информираност кај клучните чинители кои треба да бидат промотори на новината.

Иновативност: Што би препорачале на новата власт од аспект на приоритетни мерки за подобрување на бизнис климата, услови за стартување на бизнис и задржување на младите дома?

Обврските за придонеси од задолжително социјално осигурување (здравствено и пензиско) при исплата на плата мора да се постави највисоко на листата на приоритети за реформирање. Растоварување на бизнисите во рана фаза од трошок кој значи 42% сметано на нето плата би бил сериозен охрабрувачки фактор за развој на претприемничката сцена. Поддршка на самовработувањето со различни програми за субвенционирање на давачките за придонеси од плати ке ги охрабри младите полесно да се одлучат за превземање на првиот чекор кон светот на бизнисот.

Потребна е јасна и поттикнувачка регулаторна средина која ќе промовира претприемачка клима, наспроти фриленсерска која на долг рок не може да биде двигател за раст и развој.

Сподели!
- Advertisement -