Ексклузивна можност за професионална инспирација на конферeнцијата „Чувари на мудроста“

- Advertisement -

Време е за „Чувари на мудроста“, конференцијата што ќе понуди бесплатни корисни совети од успешните за сите студенти, млади професионалци и претприемачи на кои им е потребна мотивација, инспирација и црпење искуство од луѓето кои оставиле силен професионален и личен печат во своите области.

Втората по ред конференција „Чувари на мудроста“ ќе се одржи овој вторник, на 11 јуни, во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот ќе ги собере на едно место луѓето кои со своето знаење, искуство и успех ги мотивираат и ги водат идните генерации кон остварување на нивните соништа.

- Advertisement -

Конференцијата ќе има седум панел-дискусии, со учество на 14 истакнати професионалци од различни области. Панелот на тема „Од личен развој до иновативно претприемништво“ ќе ги обедини професорот Радмил Поленаковиќ и успешната претприемачка Нина Ангеловска, кои ќе дискутираат за е-трговијата и нејзините можности. Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, и Петар Ниновски од „Брејнстер“ ќе ги раскажат своите успешни бизнис-приказни истакнувајќи го значењето на посветеноста, дисциплината и интуицијата во рамките на втората панел-дискусија, насловена „Успешна бизнис-приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“.

Темата „Без хуманистика нема иднина“ ќе биде обработена од Искра Гешоска и Јасмина Поповска, кои ќе ја истакнат важноста на културата во нашето општество. Неда Малеска Сачмароска и Ирина Јаневска ќе дискутираат за улогата на невладините организации во создавањето квалитетни општествени промени, додека професорот Мишко Ралев и архитектот Пако Радовановиќ ќе ја споделат својата визија за архитектура на иднината.

- Advertisement -

Во панелот посветен на правдата, академик Владо Камбовски и професорот Бобан Мисоски ќе разговараат за концептот за инклузивна и одржлива правда, а на последниот панел „Личен потенцијал без бариери“, Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ и Катерина Димова ќе споделат корисни совети истакнувајќи ги предизвиците и можностите за младите психолози.

Покрај дискусиите, конференцијата ќе вклучи и интерактивни работилници, кои ќе ги водат Сања Митровска и Милан Стојанов, а кои ќе се фокусираат на темата развој на стартап бизнис-идеја и употреба на AI-алатки за поставување на визуелна комуникација.

- Advertisement -

Конференцијата „Чувари на мудроста“ е создадена со цел да ги обедини младите со најдобрите ментори и практичари од различни професионални области. Не пропуштајте ја оваа уникатна можност да ги чуете приказните и да научите корисни работи од искуствата на луѓето кои со својот труд и посветеност успеале да ги надминат сите бариери и да ги достигнат врвовите во својата кариера.

Конференцијата „Чувари на мудроста“ е бесплатна и отворена за сите млади луѓе. Поради ограничениот број, сите заинтересирани треба да се регистрираат и да го пријават своето учество на следниот  линк.

Сподели!
- Advertisement -