Smart Learning Factory – Skopje (SLFS), првата паметна фабрика за учење кај нас (формирана на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), ги промовираше првите 35 кандидати кои успешно го поминаа првиот циклус на обуки за „Lean six sigma” во рамки на конференцијата „Паметно учење за зголемена продуктивност: Патот на Lean Six Sigma“. Конференцијата ја организира Smart Learning Factory – Skopje во соработка со Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст за да го информира приватниот и јавниот сектор за целта и активностите на оваа паметна фабрика, можностите за зголемување на продуктивноста во производството, придобивките од обуките и спроведувањето на Lean Six Sigma.
Во текот на првиот циклус обуки (од октомври 2023 до мај 2024) над 40 учесници се стекнаа со теоретско и практично знаење во високо опремена лабораторија наменета за проширување на знаењата во областите на Lean и Индустрија 4.0. По завршувањето на обуките, под менторство на обучувачите, 35 кандидати изработија и спроведоа проекти во своите компании. Успешните проекти со кои компаниите ги подобрија своите производствени процеси беа преставени на конференцијата.
Целта на обуките е да се зголеми продуктивноста на компаниите преку спроведување на овие методи во нивните производствени процеси. Обуките ги спроведуваат професори од Машинскиот факултет – Скопје, и се поддржани од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст која инвестира во зголемување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектoр, како и неговата интеграција на регионалните пазари за да го зголеми економскиот раст и развој на земјата.
Директорката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл, им честиташе на кандидатите и компаниите за успешната работа и ја нагласи потребата за постојано вложување во работната сила преку вакви обуки за остварување на конкурентна позиција на пазарот – „Вашите напори да стекнете нови технички вештини, низ програми како Lean Six Sigma обуките, ќе му помогнат на вашиот бизнис да заштеди време и пари. Во средина каде постојано се бара квалификувана работна сила, обуките кои нудат практично знаење ја зголемуваат продуктивноста на компаниите. Преку усовршување на вештините на вработените, бизнисите можат да станат лидери во своите индустрии.” Таа исто така ја истакна важноста на соработката помеѓу академската заедница и индустријата, како и заложбата на УСАИД за поддршка на иницијативи кои ги надградуваат бизнисите, поттикнуваат иновации и економски раст.
Во својот говор пред присутните професор др Роберт Миновски од Машинскиот факултет во Скопје ја истакна важноста на продуктивноста на компаниите во денешно време – „Посебно денес, кога и на нашите простори се чувствува недостиг на квалификувана работна сила која и тoa како влијае на секојдневната работа, потребата од вложување во нови обуки, знаења за здобивање нови вештини кај вработените за да се зголеми ефикасноста и ефективноста е сѐ поголема.“ Професор др Бојан Јовановски ја потенцираше улогата на паметните фабрики за учење во растот на компаниите – „Токму Smart Learning Factory – Skopje е местото каде се нудат иновативни услуги за компаниите за да се помогне во нивниот раст, да се зголеми нивната конкурентна позиција и да бидат уште подобри на пазарот.