Климатските промени влијаат на временските услови ширум светот, но научниците со зголемена загриженост ја следат ситуацијата на Антарктикот. Така, една нова студија предупредува дека ледената покривка на Антарктикот се топи на нов, загрижувачки начин, што претходните научни модели не го земаа предвид.
Научниците од Британското aнтарктичко истражување открија дека топлата океанска вода влегува под ледената покривка на местото каде што мразот се издига од морското дно и почнува да лебди, што доведува до забрзано топење.
Како што опишаа во студијата, потоплата океанска вода навлегува под мразот, отворајќи шуплини во него кои овозможуваат навлегување на нова топла вода, што пак, предизвикува дополнително топење и на тој начин го затвора циклусот.
Дури и мало зголемување на температурата на океаните може да има големо влијание врз брзината на топење на мразот, па климатските промени кои ги загреваат океаните само го забрзуваат целиот процес.
Иако во студијата објавена во списанието Nature Geoscience научниците не наведуваат кога човештвото би можело да ги почувствува последиците од овие настани, тие истакнуваат дека поголем пораст на нивото на морето би бил забележан во текот на десетици и стотици години.
Но, податоците се јасни. Ледената покривка на Антарктикот веќе губи околу 150 милијарди метрички тони мраз секоја година, а ако целиот преостанат мраз се стопи, ќе го подигне глобалното ниво на морето за околу 58 метри. Во превод, сите крајбрежни градови, како и градовите во нивна близина, би биле загрозени.
„Ова се податоците што недостасуваат, а ги нема во нашите модели на ледени плочи. Тие немаат способност да симулираат топење под мразот, што мислиме дека се случува. Сега работиме да го ставиме во нашите модели“, истакнаа тие.
Иако ова не е прва, а веројатно не и последна студија која предупредува на опасноста од топењето на мразот на Антарктикот, она што загрижува е како овој механизам на топење може да влијае на целата ледена покривка. Затоа, научниците се надеваат дека оваа студија би можела да поттикне понатамошни истражувања за тоа кои региони би можеле да бидат најзагрозени од климатските промени и да ги охрабрат одговорните да направат повеќе за справување со климатската криза ширум светот.
(Zimo)
(фото: Flickr)