Кина е јасен лидер во светот во иновациите во областа на генеративната вештачка интелигенција, со шест пати повеќе пријавени патенти од нејзиниот најблизок конкурент, САД, покажаа податоците на Обединетите нации во средата.
Барањата за регистрација на патенти во оваа област скокнаа неодамна, забележа Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), истакнувајќи дека повеќе од 50.000 биле поднесени во изминатите десет години.
Нешто повеќе од четвртина од нив се поднесени во 2023 година, додаваат тие.
Областа на генеративната вештачка интелигенција цвета, расте со постојано растечка брзина, им рече на новинарите Кристофер Харисон, шеф на анализа на патенти на WIPO.
Од 2014 до 2023 година Кина аплицирала за повеќе од 38.000 патенти во областа на генеративната вештачка интелигенција. На второ место се САД со 6.276 апликации во 10-годишниот период до крајот на 2023 година, објави WIPO.
Според нив, пријавите во Кина опфаќаат широк опсег на области: од автономно возење до објавување и управување со документи.
Јужна Кореја, Јапонија и Индија ги заземаат третото, четвртото и петтото место, а Индија е прва во светот по стапката на раст.
Најмногу апликации има поднесено во периодот од 2014 до 2023 година од кинескиот ByteDance, сопственик на TikTok. По нив следат кинескиот гигант за е-трговија Alibaba и Microsoft, кој е финансиски поддржан од стартапот OpenAI, сопственик на ChatGPT.
Четботите најдоа широка употреба во малопродажниот сектор и другите индустрии, искористени првенствено за подобрување на поддршката на клиентите, но генеративната вештачка интелигенција би можела фундаментално да трансформира многу други сектори, како што се науката, издаваштвото, транспортот и безбедноста, рече Харисон.
Податоците од патентите сугерираат дека полето ќе има силно влијание врз многу индустриски сектори во иднина, наведувајќи го примерот на градење молекули со помош на генеративна вештачка интелигенција што може да го забрза развојот на лекови.
(Zimo)