Социјалната мрежа Тредс, која произлезе од Инстаграм на Мета, беше лансирана на 5 јули минатата година. Во годината што следеше, новата социјална мрежа порасна на 175 милиони месечни активни корисници, сподели Марк Зукерберг, пренесува ГСМ Арена.
На почетокот, Тредс растеше со вртоглава брзина, достигнувајќи 100 милиони корисници само 5 дена по лансирањето. Работите оттогаш се смирија, но мрежата продолжува да расте, па така, во февруари беа регистрирани 130 милиони, а во април 150 милиони корисници.
Тимот на Тредс тивко го прославува достигнувањето на 175 милиони корисници со нови прилагодени икони. Мобилната апликација беше ажурирана за да им овозможи на корисниците да изберат една од петте икони, покрај стандардната. Најавено е дека ќе се додаваат нови икони, по една секој ден. Посебните икони ќе бидат достапни само за ограничен период и корисницните можат да изберат една до 12 јули.
Инаку, Инстаграм известува дека 63% од сите објави на Тредс се само текст. Сепак, 1 од 4 објави на мрежата содржи најмалку една фотографија. Покрај текстот и фотографиите, гласовните белешки стануваат сè почести на социјалната мрежа, иако помладите луѓе почесто ги користат отколку постарите генерации.