Сите знаеме дека добриот сон е многу битен, но една нова студија фрла нова светлина на тоа колку е битен сонот. Според истражувачи од Универзитетот во Стокхолм, спиењето, всушност, влијае на тоа колку старо се чувствувате. Ова значи дека со добро спиење може да се чувствувате млади и освежени, но, од друга страна, неколку ноќи лош сон може да ве остарат за неколку години.
„Со оглед на тоа дека спиењето е од суштинско значење за функцијата на мозокот и целокупната благосостојба, решивме да тестираме дали сонот има некакви тајни за зачувување на чувството на младост“, вели Леони Балтер, истражувач на Одделот за психологија на Универзитетот во Стокхолм.
За да добијат одговори, тие анкетирале 429 лица на возраст од 18 до 70 години и прашале колку ноќи лошо спиеле во текот на изминатиот месец и колку старо се чувствуваат. Се покажало дека со секоја лошо проспиена ноќ секој учесник се чувствувал во просек 0,23 години постаро.
За вториот дел од студијата истражувачите побарале од 186 учесници на возраст од 18 до 46 години да го ограничат спиењето на само четири часа две ноќи по ред. Потоа од нив побарале да спијат девет часа две последователни вечери. Секој пат ги прашувале колку старо се чувствуваат. Во просек, учесниците се чувствувале 4,4 години постари кога им бил ограничен сонот.
Интересно е тоа дека впечатокот на учесниците за нивната возраст бил поврзан со нивното ниво на поспаност. Кога биле исклучително будни, се чувствувале четири години помлади. Спротивно на тоа, кога беа крајно уморни, тие се чувствувале многу постари — поточно шест години.
„Ова значи дека преминувањето од чувство на будност до поспаност додава неверојатни 10 години на возраста на човекот. Заштитата на нашиот сон е клучна за одржување на младешкото чувство. Ова, за возврат, може да промовира поактивен начин на живот и да поттикне однесувања кои го промовираат здравјето, бидејќи чувството на младост и будност се важни за нашата мотивација да бидеме активни“ додава Балтер.
(My Modern Met)
(фото: Piqsels)