Македонските ученици со одлични резултати на светските натпревари Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional во Анахејм, Калифорнија
Скопје, 16.08.2024 – Прекуокеанската авантура на македонските средношколци кои ја претставуваа нашата држава на светските првенства Microsoft Office Specialist (MOS) и Adobe Certified Professional (ACP), кои се одржаа во Анахајм, Калифорнија, заврши успешно! Тие се вратија дома со фантастични успеси и високи резултати. Во конкуренција од над 130 натпреварувачи од повеќе од 80 земји, нашите млади таленти покажаа дека Македонија има со што да се гордее.
Најголемото признание го доби Сердар Цветков од СЕТУГС „Михајло Пупин“ – Скопје, кој го освои првото место во Европа и петтото место во светот на глобалниот MOS натпревар. Овој успех е уште една потврда за талентот и квалитетот на дигиталната писменост меѓу младите во Македонија.
Во тимот на успехот беше и Лука Зотовиќ од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје, кој мајсторски ги претстави нашите бои на ACP натпреварот. Заедно со Илина Арсовска, Леонид Петковски и Огнен Бабунски, овие млади визионери го претворија својот сон во реалност, претставувајќи ја Македонија на најголемата глобална сцена за дигитална писменост.
„Овие натпревари не само што ги истакнуваат нашите најталентирани ученици, туку и ја промовираат важноста на дигиталната писменост како клучна вештина за иднината. Горди сме на нивните достигнувања,“ изјави г-ѓа Валентина Тасева, Генерален директор на Semos Education.
Нивното учество беше овозможено благодарение на Семос Едукација и со поддршка од Град Скопје и реномирани компании и организации кои го поддржаа престојот и учеството на овие мотивирани средношколци и нивните ментори.
„ Горди сме што сме дел од оваа неверојатна приказна и што имавме можност да ги поддржиме овие млади таленти на нивниот пат кон светските успеси. Тие ни покажаа дека со посветеност и знаење, секоја цел е достижна,“ вели Марко Серафимовски, директор на CertiAdria.
На свеченото прогласување на победниците во Анахајм присуствуваа претставници од многу земји, а нашите натпреварувачи добија големо признание за својата работа и посветеност. Ова е само почеток на нивната успешна кариера, и ние со нетрпение го очекуваме нивниот понатамошен развој и успеси.
Како потсетување, минатата година нашата финалистка Ања Цветковска од СУГС Раде Јовчевски -Корчагин го освои четвртото место во конкуренција на 133 натпреварувачи на светско ниво.
Низ годините, посветеноста на CertiAdria и Семос Едукација во креирањето дигитално писмени средношколци, резултираше со високо позиционирање на Македонија на пиедесталот на светските првенства.