Денис и Цеца Трајчески прават „Љубовна ракија“ со имела, растение кое е симбoл на љубовта

- Advertisement -

Денис и Цеца Трајчески се креатори на дестилатите под брендот „Ѕвончар“, кои на пазарот можат да се најдат под имињата Љубовна ракија и Прва љубов. Експериментите со растението имела, кое е симбол на љубовта и долгогодишната семејна традиција за производство на вино и ракија се инспирација тие и понатаму да ги истражуваат старите рецептури и да креираат нови вкусови на ракија. Тие се дел и од семејството на Slow food, а нивните ракии се произведуваат со органски производи. 

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Раскажете ни ја приказната за вашето семејство и традицијата на производство на ракија.

Традицијата на производство на ракија е присутна половина век, бидејќи откако знам за себе во нашата фамилија се произведува вино и ракија. Специфичноста на дестилатите Ѕвончар, по кои сме препознатливи на пазарот е нивната несекојдневна нота на моќен вкус, суптилна и нежна арома и секако природните нијанси на боја. Суштината на нашето производство е токму во начинот на зреење на ракијата. Во принцип ракијата која дестилеријата Ѕвончар ја нуди на потрошувачите е стара, петгодишна ракија подготвена по рецептура на дедо ми и татко ми. Да се постигне овој квалитет на дестилатите Ѕвончар, наназад гледано имаме вложено многу испитување и анализирање на сортите на грозје, начинот на печење и складирање во специјални дабови буриња, сето тоа збогатено со исполнителен труд, многу љубов и трпение.

- Advertisement -

Што ве поттикна да почнете со поголемо производство и продажба?

Идејата за поголема количина на производство постапно ја иницира нашиот голем круг на пријатели кои имаа можност долги години да ја конзумираат на сите наши дружења, седенки и убави моменти.

- Advertisement -

Од каде имињата Љубовна ракија и Прва љубов, која е инспирацијата за спојување на љубовта и ракијата?

Дестилатите Ѕвончар се држат до традицијата и специфичноста на зреењето на ракијата која е поврзана со растението имела (Viscum album). Поврзаноста на билката имела со љубовта и романтиката се среќава во списите на келтските друиди. Симболиката на ова  лековитото растение суштински е во издржливоста и отпорноста што цветало дури и на студ во зима, друидите верувале дека тоа ја симболизира љубовта како основен двигател во животот. Се верувало во многу позитивни влијанија од именката, па дури и божицата на љубовта се заколнала дека ќе го бакне секој што ќе мине под имелата и така растението останало симбол на љубовта.

Раскажете ни какви се реакциите на вашите клиенти кои ја пробале Љубовна ракија, што е тоа што ја одвојува од другите што досега ги пробале?

Врвниот квалитет на Љубовна ракија која е создаден преку строго контролирана ферментација на висококвалитетно грозје, со понатамошна обработка со внимателно и фино дестилирање и  одлежувањето во одбрани дабови буриња во кои стои пет години. До добивањето на финален производ значаен дел е ,,марифетот” со облагородување со листови и дрвца на имела преку кои добива посебна арома и вкус.

Љубовна ракија кај нашите  консументи остава впечаток на јачина и сила и свежа, суптилна, нежно слатка нота. Испреплетувањето на двете нишки создаваат уникатност на вкусот и доживувањето на секоја голтка.

Годинава се претставивте и на Slow Wine 2024. Што ве врзува со филозофијата на Slow Food?

Слоганот за органско производство од еколошки чиста средина нѐ натера да членуваме, а со тоа и бидиме дел од фамилијата на Slow food  и да го збогатиме виножитото на органски производи со несекојдневната специфичност на нашите дестилати. Slow food е меѓународна мрежа, која ни овозможува да се претставиме пред заедница која почитува храна и пијалоци во чие производство се одржуваат традицијата и квалитетот наследен од предците преку старите рецепти и природниот процес на добивање на финален производ.

Саемите на Slow food се одлична можност за презентација на нашите производи, а задоволните посетители ни се мотив и иницијатива за создавање на нови вкусови на дестилати. Знаеме дека чекориме по успешен пат кој ни отвора многу можности, но и ни создава обврска да ја чуваме традицијата.

Производството на ракија и вино има голема традиција на нашите простори. Колку тоа е искористено за промоција и за привлекување на туристи и посетители?

Производството на ракија и вино има голема традиција на нашите простори, но можностите за промоција на винскиот туризам можат да бидат искористени многу повеќе. Македонија е земја на сонцето и има можности за привлекување на туристи и посетители во секое време од годината. Работата на виновата лоза почнува од средината на февруари, па се до крајот на октомври, кога можат да се посетуваат лозовите насади, а во останатиот период вниманието на туристите да се привлече со обработувањето на грозјето до финален производ, вино и ракија.

Иако виното и ракијата се двата основни производи од виновата лоза, промоцијата на виното е неколку чекори понапред. Сепак, во последно време полека почнуваат да се регистрираат и многу дестлерии, што е за голем поздрав и сигурно ќе придонесе за подобра промоција и на ракијата. Наша обврска и цел во иднина ќе биде да креираме нови и квалитетни ракии, но и да работиме и на промотивниот дел за овој пијалок го добие заслуженото место во понудата.

Подготвувате и нови производи, што може сега да очекуваме?

Збогатувањето на ракијата со растението имела дава широк дијапазон и  инспирација за производство на нови вкусови на ракија. Во моментов правиме експерименти по старите семејни рецептури, кои ќе бидат заштитени со симболот на љубовта. Зголемувањето на производството и ширењето на асортиманот со нови вкусови на ракија со имела и љубов се нашето мото за иднината на дестилерија Ѕвончар.

Сподели!
- Advertisement -