Друштвото за истражување и развој Сефиданис, вчеравечер во клубот Ребел во Охрид го претстави својот најнов проект – хуманоиден робот диџеј.
„Токму на полноќ, кога Македонија прослави 33 години независност, се роди Алшар, робот во изглед и природни димензии на човек, кој со помош на вештачка интелигенција може автономно да создава уникатни музички дела. Алшар има за цел да нѐ воведе во новата ера, а воедно да понуди конзервација на македонската уметност и културно наследство, при што со помош на современите парадигми на машинско учење ќе може да креира авторска музика, како и да преработува стари дела во нови жанрови и стилови привлечни за новите генерации“, вели професорот Анис Сефиданис по чија идеја е создаден роботот.
Името, додава професорот, е инспирирано од македонскиот рудник, каде за првпат во светот е откриен минералот Лорандит. „Лорандит” се вика и композицијата со која се претстави Алшар, креирана целосно со помош на вештачка интелигенција на Суперкомпјутерот на Nvidia – DGX, кој Сефиданис го поседува во регионот.
„Покрај траката ‘Лорандит’ која е прогресивно техно, а сокрива стихови од песната ‘Заветна’ во изведба на Бојана Скендеровски, Алшар синоќа избра да пушта и дела од современата електронска македонска музика, меѓу кои и ‘Ајде да летаме’ на мултимедијалната група PMG“, велат од Друштвото за истражување и развој.
Целиот текст на Радио МОФ