Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија – AETСM, објавува Jавен повик за бесплатни верификации за стекнување со симболот на доверба во е-трговијата – Беџ за верификуван е-трговец, во рамки на кампањата насловена „Градиме доверба во онлајн купувањето”, која се реализира во партнерство со компанијата Visa.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои веќе ги продаваат своите производи или услуги онлајн, со цел да добијат можност да покажат дека нивната онлајн продавница е безбедна пред јавноста и да се придужат на заедницата од над 70 верификувани е-трговци.
Јавниот повик се состои од поддршка на 10 компании за бесплатни верификации за стекнување со симболот на доверба во е-трговијата – Беџ за верификуван е-трговец, кој го издава Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија – АЕТСМ. Беџот за верификуван е-трговец претставува визуелна ознака која се поставува на домашните е-продавници и која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект, проверен од АЕТСМ. Беџот се поставува само кај е-трговците кои се дел од Регистарот на регистрирани е-трговци во нашата земја и дополнително самостојно ќе аплицираат и ќе ги поминат соодветните проверки од АЕТСМ за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата.
Преку овој јавен повик, АЕТСМ и компанијата Visa имаат за цел да ја зголемат довербата во онлајн купувањето во Македонија, намалувајќи ја нелојалната конкуренција на бизнисите во е-трговијата, како и едукативно и информативно да влијаат врз онлајн купувачите со цел намалување на сивата економија.
Е-продавниците кои сакаат да аплицираат за бесплатна верификација, сѐ што треба да направат е да пополнат заинтересирани за кратка онлајн апликација достапна на овој линк. Аплицирањето ќе може да се направи, најдоцна до среда, 25.09.2024 до 23:59 часот.
Критериуми за учество на апликантите во јавниот повик:
-Апликантот треба да е регистриран правен субјект и да е микро, мало или средно претпријатие
-Апликантот треба да ги продава своите производи и/или услуги онлајн моментално
-Апликантот треба да има комплетно пополнета апликација
-Апликантот да не бил поддржан во претходен јавен повик од АЕТМ
Oвој јавен повик се реализира со поддршка на компанијата Visa, која втора година по ред преку реализирање на иницијативи влијае на зголемување на понудата во е-трговијата и на намалување на сивата економија во е-трговијата.
Инаку, Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) оваа година ја промовираше својата нова онлајн платформа ecommerce.mk/badge која има за цел да го направи онлајн купувањето побезбедно и подоверливо за секого, како и да придонесе во континуираната борба за намалување на сивата економија и сомнителните практики на нерегистрираните продавачи во е-трговијата. Преку новата веб платформа е овозможен едноставен и автоматизиран начин за аплицирање, управување и реобнова на Беџ за верификуван е-трговец, како и преглед на сите верификувани е-трговци и индивидуални профили на секој од нив. Платформата е бесплатна и достапна во секое време за јавноста