Властите на Венеција донесоа одлука од 18 април следната година да ги зголемат цените на еднодневните патувања, каде што туристите кои ќе се решат да го посетат градот во последен момент ќе треба да платат 10 евра за турата.
Ќе се зголеми и бројот на денови во кои треба да се плати сумата од 10 евра. Оваа одлука ќе се применува од секој петок до недела и на празници од 18 април до 27 јули 2025 година, односно вкупно 54 дена по сезона.
Инаку, годинашната сезона опфати вкупно 29 дена, каде што туристите требаше да платат 5 евра за да го обиколат градот.
Одлуката не се однесува на туристите кои престојуваат во венецијанските хотели, бидејќи веќе ја плаќаат туристичката такса, а нема да важи и за жителите, посетителите родени во Венеција, студентите и работниците. Дополнително, важно е да се нагласи дека оние туристи кои ќе резервираат најмалку четири дена пред пристигнувањето плаќаат сума од 5 евра.
Градоначалникот Луиџи Бруњаро нагласи дека целта на таксата е да им помогне на градот и граѓаните во борбата против прекумерниот туризам и да се избегне голем прилив на гости за време на празници и викенди.
„Венеција е првиот град во светот кој се обидува да го реши проблемот со прекумерниот туризам. Постигнавме добри резултати“, рече градоначалникот.
По завршувањето на годинашната сезона надлежните најавија дека на овој начин успеале да соберат повеќе од 2 милиони евра, но жителите не беа задоволни. Многумина сметаат дека наплатувањето на билетите не ги спречило масовните посети на туристите и дека парите не биле наменети за решавање на проблемите со кои се соочуваат жителите.
Исто така, годинава Владата донесе одлука за бројот на лица во туристичките групи, кои сега можат да имаат најмногу 25 лица. Забранија и користење на звучници, за водичите да не го вознемируваат месното население.
(Klix.ba)
(фото: Flickr)