Се одржа информативна сесија за имплементација на системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација (MRVA) на емисии на стакленички гасови и механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) во Северна Македонија. Оваа сесија е дел од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, организирана во соработка со Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо, која инвестира во зголемување на продуктивноста, конкурентноста и интеграција на приватниот сектoр на регионалните пазари.
Претставниците од јавниот и приватниот сектор беа запознаени со реформите за намалување на емисиите на стакленички гасови и справување со климатските промени кои во нашата земја ќе се спроведат во согласност со законодавството на ЕУ. Во текот на сесијата се разменија и мислења за краткорочните и долгорочните ефекти од овие активности.
Во овој контекст, Томаж Карпински од Енергетската заедница ги претстави целите и основите на системот за мониторинг и известување на емисиите на стакленички гасови во Европската унија, додека Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник во Министерството за животна средина ги изложи активностите за воспоставување на овој систем во земјава до крајот на 2025 година, во согласност со обврските превземени со Реформската агенда. Слободен Чокревски, директор на Институтот за акредитација ги запозна учесниците со плановите за развивање на системот за акредитација на субјекти кои ќе вршат верификација на податоците за емисиите на стакленички гасови.
Дополнително, тимот од Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст ги претстави наодите од Анализата за имплементација на Механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) во Северна Македонија. Анализата е изработена од Македонски производи ДООЕЛ – Скопје и дава проценка на влијанието од воведувањето на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) од страна на Европската унија, како и препораки за соодветен институционален одговор во нашата држава. На завршниот панел беа изложени ефектите од воведувањето на CBAM врз надворешно-трговските текови и извозот, како и главните предизвици кои ги создава CBAM за малите и средни извозни претпријатија во земјата.