Интервју со вон. проф. д-р Душица Стевчевска – Србиноска
Одборот за акредитација на меѓународната стручна асоцијација ACCA (Association of Chartered Certified Accountants) ја одобри реакредитацијата на програмата „Accounting and Audit“ на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) за додипломски студии. Со оваа акредитација, доделена на Факултетот за деловна економија и организациони науки, студентите кои завршуваат на оваа студиска насока добиваат признание на 9 испити од програмата за лиценцирање на ACCA, овозможувајќи им меѓународно применливи квалификации. „Оваа акредитација е од исклучителна важност за студентите, бидејќи стекнатите вештини и акредитираните предмети се признаени од ACCA што истовремено овозможува значителни временски и финансиски заштеди на патот кон ACCA членство,“ изјави вон. проф. д-р Душица Стевчевска-Србиноска од УАКС.
Што претставува ACCA?
ACCA (Association of Chartered Certified Accountants) претставува глобална асоцијација на овластени сметководители, со корени втемелени од 19 век во Велика Британија. Првично, сметководството било дел од правната професија и се сведувало на основно книжење без аналитички компоненти. Со развојот на сметководството како дисциплина, оваа област добива на значење и професионална лиценца од кралицата Викторија, а појавата на посложени трговски друштва во 20 век создава потреба за висока експертиза. Во 21иот век водите на сметководството не се помалку мирни. Прагот на новиот милениум е одбележан со скандали од рангот на Артур Андерсон, една од (до тогаш) петте најголеми сметководствени глобални фирми, што секако додава на тежина во делот на финансиската регулатива на која подлежат денешните компании. Ваквата законска комплексност и правила на евидентирање на трансакциите во компаниите наложува стручност на сметководителите коишто работат на глобалните пазари. Денес ACCA е водечка асоцијација со седиште во Лондон и Глазгов, со над 250,000 сертифицирани членови и околу 520,000 студенти низ светот кои се подготвуваат да добијат лиценца.
ACCA делува во јавен интерес. Преку регулаторна рамка базирана на принципи, асоцијацијата промовира етички и професионални стандарди кои ја подигнуваат улогата на сметководството во општеството. Таа ја поддржува еволуцијата на професијата преку спроведување на меѓународни истражувања со цел имплементирање на јасно и меѓународно разбирливо евидентирање на економските трансакции и усвојување прогресивни ставови за глобалните прашања, со што овозможува сметководството да го зачува својот углед и да го прошири своето влијание на глобално ниво.
ACCA е синоним за престиж во доменот на сметководството, ревизијата и финансиите, корпоративното управување. Професионалци со ACCA сертификација се ценети и барани во јавни и приватни институции, поради нивната меѓународно признаена експертиза. Покрај добивањето на сертификат, членовите се обврзуваат да продолжат со континуирана едукација преку разни форуми и вебинари, со што се овозможува следење на најновите професионални стандарди и практики.
Колку време е потребно за добивање на ACCA сертификат?
Целиот процес за добивање на ACCA лиценца бара значајна посветеност и се состои од три компоненти:
Едукативен сегмент: Полагање на 13 испити.
Етички модул: Онлајн курс за етичките стандарди на професијата.
Практична квалификација: Тригодишно работно искуство во доменот на сметководство, финансии или ревизија.
Испитите се поделени во три модули: Применето знаење, Применети вештини и Стратешко професионално ниво. Според статистиката, само 30-40% од кандидатите успешно го завршуваат највисокото ниво. Завршувањето на програмата вообичаено трае од три до четири години.
Што добиваат студентите по завршување на додипломските студии на насоката Сметководство и ревизија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и зошто е значајна реакредитацијата на студиската програма по Сметководство и ревизија од страна на Асоцијацијата за овластени сметководители?
Мотивацијата за воведување на акредитираната програма за сметководство и ревизија на УАКС е резултат на потребата за создавање високо квалификувани кадри, способни за работа во меѓународна средина. Иницијалната акредитација ја добивме во 2020 година и се однесуваше на период од 5 години. Реакредитацијата, за која неодамна бевме известени, траеше повеќе месеци при што верификацијата вклучуваше проверка на наставната програма, материјалите, квалитетот на испитите и компетенциите на професорите. Програмата на УАКС веќе ги вклучува 13те испити потребни за полагање на ACCA, како и етичкиот модул, при што со процесот на реакредитација се стекнавме со максималната акредитација на 9 предмети: BT – Business and Technology, MA – Мanagement Accounting, FA – Financial Accounting, LW – Corporate and Business Law, PM – Performance Management, TX – Taxation, FR – Financial Reporting, AA – Audit and Assurance и FM – Financial Management. Тековната реакредитацијата е со важност од 5 години, односно заклучно со декември 2029 година.
Бенефициите од акредитацијата се достапни и за студентите од другите економски студиски насоки. При аплицирање за стекнување на звањето овластен сметководител според програмата на ACCA, на студентите ќе им бидат признати веќе акредитираните предмети, под услов да ги имаат положено за време на своите студии. Со ова, студентите на програмата се добро подготвени за меѓународни предизвици без потреба за дополнителна административна конвалидација.
Воедно, преку програмата ACCA Accelerate чија членка е и УАКС, нашите студенти добиваат дополнителни поволности:
- Брз пристап до ACCA квалификацијата – Студентите кои се дел од ACCA Accelerate можат да почнат да полагаат ACCA испити уште додека се на додипломски или постдипломски студии, што овозможува побрзо стекнување на квалификацијата и рано започнување на професионалната кариера.
- Намалување на трошоците за регистрација и испити – Студентите добиваат попусти на одредени давачки, како што се таксите за регистрација и годишните членарини. Ова значително ги намалува почетните трошоци за стекнување на ACCA квалификацијата.
- Поддршка и ресурси од ACCA – Студентите добиваат пристап до наставни материјали, работилници, вебинари и други ресурси на ACCA кои помагаат при подготовката за испитите и ја подобруваат нивната практична компетенција.
Што добиваат студентите со завршување на студиите во однос на ACCA?
Завршувањето на додипломските студии на програмата „Accounting and Audit“ им овозможува на студентите акредитирана и меѓународно призната квалификација која им отвора врата кон глобалните пазари. Кандидатите кои ќе се стекнат со АССА сертификат, за што предуслов е да се положат 13те предвидени испити, модулот за етика во професијата и тригодишно работно искуство на работи на сметководство и ревизија, можат да се здобијат и со лиценца за овластен ревизор за чие спроведување е задолжен Институтот на овластени ревизори на Република Македонија.
Иако бројот на студенти на оваа насока е релативно мал, се работи за амбициозни и посветени поединци кои го препознаваат значењето на оваа компетенција за нивната кариера. Програмата на УАКС воедно предвидува практично и теоретско испитување на знаењата при што студентите работат на проектни задолженија во рамки на предметите кои ги изучуваат со цел решавање на задачи и проблеми со кои се соочуваат компании од реалниот сектор. Најголем дел од овие млади кадри воспоставуваат работен однос во ревизорските и консултантските друштва уште во третата година од студирањето што им овозможува истовремено да се стекнат и со применети вештини на пазарот на труд преку апликација на знаењето стекнато во универзитетските предавални.
Најважно е тоа што овие дипломци добиваат унифицирано меѓународно знаење, што им овозможува објективно да ги анализираат, раководат и проценат економските и финансиските состојби, како и инвестиции и проекти. Ова е особено важно во време на брзи економски и геополитички промени, каде што способноста за прецизна проценка на комплексни и динамични ситуации е исклучително значајна.