Eвропската комисија ја казни Meта со речиси 800 милиони евра

- Advertisement -

Европската комисија ја казни Meta Platforms со речиси 800 милиони евра за злоупотреби поврзани со услугите на Marketplace и сузбивање на конкуренцијата. Мета ќе поднесе жалба на одлуката.
„Европската комисија ја казни Мета за прекршување на антимонополските правила на ЕУ со поврзување на нејзината услуга за онлајн рекламирање Facebook Marketplace со нејзината лична социјална мрежа Facebook и поставување нефер услови за тргување за други даватели на услуги за онлајн рекламирање“, соопшти Европската комисија.

Шефот за конкуренција на ЕУ, Маргрете Вестагер, рече дека Мета „го направи ова во корист на својата услуга Фејсбук Маркетплас, добивајќи предност што другите даватели на услуги не можеа да ја постигнат. Тоа е нелегално“.

- Advertisement -

Со користење на податоците што ги собира на мрежата Фејсбук за персонализирање на рекламите на Marketplace, Мета „постави нефер услови за тргување“.

Маркетот на Facebook, кој започна со работа во 2016 година, е платформа за купување и продавање користени стоки.

- Advertisement -

Мета најави дека ќе се жали на казната во износ од 797,72 милиони евра, објави Фајненшл тајмс. „Го изградивме Marketplace како одговор на побарувачката на потрошувачите – оваа одлука не ја зема предвид пазарната реалност и ќе служи само за заштита на воспоставените пазари од конкуренција“, објави компанијата.

Тие изјавија и дека „одлуката на Европската комисија не содржи никакви докази за штета на конкуренцијата или на потрошувачите“.

- Advertisement -

Истрагата на ЕУ за Мета започна во 2019 година, откако ривалите го обвинија технолошкиот гигант за злоупотреба на својата доминантна позиција преку искористување на податоците што ги собира преку своите бесплатни услуги.

Мета тврди дека работи во високо конкурентна средина и ги наведува платформите како eBay, Leboncoin во Франција и Marktplaats во Холандија како „силни конкуренти“.

Со текот на годините, Брисел покрена неколку антимонополски истраги против технолошките гиганти и донесе закон за дигитален пазар чија цел е да ги забави доминантните технолошки компании и да ја зајакне локалната технолошка индустрија.

Фото – Pixabay

Сподели!
- Advertisement -